Лустрацијата произведе нови жртви, а не донесе правда за старите

Не е поентата да се поништува досегашната лустрација, затоа што не се сите неправедно лустрирани. Имаше и вистински соработници што нанеле штета со своето информирање и сега, според предложениот закон, ним треба и да им се исплаќа отштета – вели Чедо Дамјановски, поранешен член на Комисијата за лустрација.

По предлогот на СДСМ да се поништи лустрацијата, кој не наиде на поддршка кај коалицискиот партнер ДУИ, фокусот на јавноста е насочен кон тоа како да се исправи неправдата кон личностите што беа лустрирани од политички причини и поради одмазда, а малку се зборува за илјадниците жртви на поранешниот комунистички режим и нивната рехабилитација, која изостана и по речиси 30 години независна Македонија. Деновиве ДУИ повторно го актуализира прашањето на политичките затвореници од времето на социјализмот, но зборува генерално само за Албанците жртви, а од опозициската ВМРО-ДПМНЕ зборуваат за над 20.000 луѓе што биле во затворите од 1945 до 1990 година од политички причини и потребата од нивна рехабилитација, при што ниту едните ниту другите не објаснуваат зошто досега не ги рехабилитираа жртвите на комунизмот, затоа што долго време заеднички ја имаа власта.

Вицепремиерот Бујар Османи при гостувањето во „Утрински брифинг“ завчера рече дека прашањето на лустрацијата е сензитивно затоа што Албанците биле најтаргетирани.

– Ние сакаме да го прошириме прашањето кон политичките затвореници. Станува збор за група од 40 до 50 лица кои биле со години во затвор поради политичко убедување и чија рехабилитација нема финансиски да ја оптовари државата. Ние не го избравме моментот за оваа дебата на три месеци пред изборите, но, сметаме дека може да се постигне компромис. Се работи за судбини на семејства кои биле во затвор со години поради политички убедувања. Кај нас има сензитивност и по прашањето дали треба да продолжи лустрацијата, затоа што Албанците биле најмногу жртви на оние кои лажно информирале. Таму каде што имаше докази лустрацијата навистина беше борба за правда – вели Османи.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во гостување за ТВ 24 деновиве истакна дека државата треба да ги укине пресудите по политички основа на оние кои биле судени за нивната борба за самостојна држава, за демократско уредување итн.

– Има 16.000 индивидуални досиеја на следени лица, а во затворите се најдени 22.000 досиеја на луѓе што биле во затвори од политички причини, а се лустрирани само 180 луѓе. Само 180 луѓе ли ги кодошеле овие 22.000? Не. Има илјадници семејства чии родители и дедовци биле предмет на следење од службите, биле прогонувани и раселувани низ Македонија и Југославија, им биле одземани граѓанските и родителските права. Не ја идеализирам лустрацијата, можеби имало грешки. Но, не можеме под плаштот на една или пет грешки да велиме дека целата лустрација е погрешна – рече Димовски.

Тој смета дека треба да се објават списоците на сите соработници за кои има докази и тоа без последици и санкции, како чин на морално прочистување.

Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски, кој прв беше лустриран и чија лустрација беше укината од Европскиот суд за човекови права, за „Слободен печат“ вели дека суштината на лустрацијата беше по падот на Берлинскиот ѕид и на социјализмот да се најде механизам на луѓето што биле дел од комунистичкиот режим да не им се овозможи да се вратат на власт и да го вратат пак тој режим.

– Во многу земји тоа се реши со изјава, како Германија и Полска, и тие тоа го завршија брзо, во рок од 4 до 5 години по падот на ѕидот. Некои земји, како Србија, Хрватска не ни спроведоа лустрација. Во Словенија беше определено само во судовите да не влегуваат луѓе што самите се компромитирале. Хрватска, откако Европскиот суд во Стразбур ја укина мојата лустрација, го прекина процесот. Ако некој мисли сега кај нас да прави прочистување, за тоа одамна помина времето – вели Ивановски.

Поранешниот член на Комисијата за верификација на фактите од редовите на тогашната опозиција Чедо Дамјановски вели дека кога се носеше законот за лустрација, идејата беше да се донесе и закон за рехабилитација.

– Нема поента само да се казнат оние што лошо ги информирале службите, без да се понуди сатисфакција и за жртвите на тоа лажно информирање. Досега тоа требаше да биде сторено, но од низа политички причини, се уште нема закон за рехабилитација на тие жртви – вели Дамјановски за „Слободен печат“.

Според него, евентуалното поништување на лустрацијата, како што е предвидено во законот што го предлага СДСМ, нема да помине на Уставен суд, затоа што не може да се поништуваат судски одлуки ако е укинат некој закон врз основа на кој се донесени. Дамјановски смета дека треба да се направи ревизија на целиот процес на лустрација, да се види дали одлуките се донесени врз основа на докази и аргументи или не, затоа што овој процес се користеше за политичка борба со неистомислениците на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

– Зошто во законот нема казни за злоупотребата на овој процес? Ако треба, нека се формира нова комисија, нека ги отвори пак сите документи. Но, не е поентата да се поништува досегашната лустрација, затоа што не се сите неправедно лустрирани. Имаше и вистински соработници кои нанеле штета со своето информирање и сега според предложениот закон, ним треба и да им се исплаќа отштета – вели Дамјановски.

Лустрацијата беше спроведена од 2008 до 2015 година, а во процесот над 300 лица беа прогласени за информатори на тајните служби од претходниот тоталитарен режим на СФРЈ, од кои речиси половина беа починати, а на живите им беше забрането да работат во државните институции. Процесот беше прекинат со закон во 2015 година откако доби силни критики од европските институции дека власта го користи за одмазда и за политички реваншизам, а не како инструмент за транзициска правда, како што беше потребно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот