Лупинзи

Илија Димовски, детето кое со куси панталончиња влезе во политиката, ама и по толку пратенички мандати, изгледа не порасна за да може да му се аплаудира за некоја импресивна мисловност, човекот нè распамети од фалбено прпелкање.

Да си луд, не значи дека треба да се има рогови. А и да си глуп, важи истото правило.

Илија Димовски, детето кое со куси панталончиња влезе во политиката, ама и по толку пратенички мандати, изгледа не порасна за да може да му се аплаудира за некоја импресивна мисловност, човекот нè распамети од фалбено прпелкање.

Беше западнал во екстатична фаза, зашто неговиот, попрецизно речено вмровски технички прв полицаец, кој само еден месец го држи пендрекот во десницата, открил меѓународен шверц на кокаин, тежок повеќе од еден тон. Таков улов, според Димовски, на претходниот, сдсмовскиот, сега во улога на технички премиер, не му пошло од рака да реализира ни за неговото тригодишно шерифување.

Настрана тоа што количеството на кокаинот влезен во Македонија никој жив не го измерил – зашто некои велат дека тежел само еден килограм, ама мене ми е зборот за тоа колку тежи сивата маса на довчерашниот пратеник, кој до шашардисаност се воодушеви од импозантноста на количеството убојна дрога прошверцувана во нашата мала земја. Тоа е исто како да скокаш, та дури да удираш од среќа со главата во плафон, зашто во времето на овој министер е изведен најголемиот грабеж од сефовите на Народната банка. Или да премираш од задоволство зашто низ граничните дупки ни се вовлекла терористичка група од калибарот на онаа од кумановското „Диво насеље“, што ќе остане запомнета по свирепоста на масакрот. Или да урлаш со еуфоричен вознес, зашто луксузниот брод, претоварен со смртоносниот корона вирус, нелегално испловил од пристаништето на Јокохама и ни се усидрил под Камениот мост на Вардар, близу нашите галии од составот на некогашната вмровска потопена речна флота, во македонската метропола.

Господинот Димовски, кој се потврди како еден од водечките гласови на вмровските партиски пропагандни песнопевци, во името на повисоките цели на тоа политичко здружение, веројатно би ја преферирал последнава варијанта, се разбира, доколку кинескиот вирус од кој стравува планетава, би го имал својството да ги лови како жртви само членовите на владејачката партија. А посебно би уживал, ако таа вирусна злокоба успева да ги легне до последниот, симпатизерите на Заев. Дај боже да не е така.

Марко Цепенко, нашиот култен фолклорист, да беше жив, сигурно од неговото зборниче од народни умотворби, ќе ни прочиташе: „Трагедија не е ако некој нетокму се роди, туку ако таков те води!“

А ние, си го дозволуваме тој луксуз со децении. Да не ги набројуваме сите плиткомислечки или шалабајзерски фигури, кои нашата помирливост им ја даде шансата да се искачат на претседателски, премиерски, министерски, пратенички или дипломатски пиедестал. Токму поради таа ноторна вистина за нашата приказна летаргија, за неволите кои нè спопаѓаат, да нè го обвинуваме ѓаволот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот