Лумпенпролетерите на новата доба

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Уште додека гуруто на современата филозофија на политичкиот либерализам Џон Ролс ги пишуваше своите кардинални дела „Теоријата на правдата“ и „Политичкиот либерализам“, од 1971 до 1993 година, во кои се славеа неговите идеи за правдата, правичноста и легитимноста на капиталистичкиот либерализам, историјата сурово ги демантираше неговите идеалистички замисли. Водечките земји на Западот – во истото тоа време – го започнаа и во голема мера го реализираа веројатно најштетниот проект што човештвото кога и да е го презеде на планетата Земја. Проектот – во кој од 90-тите, по глобалното пропаѓање на т.н. социјалистички блок, се вклучија практично сите земји на светот – беше наречен со многу имиња, но денес е најпрепознатлив како неолиберализам или глобален неолиберален капитализам.

Знаењето не е популарно

Испадна дека овој проект (кој, за волја на вистината, ниту може да го носи префиксот „нео“ – зашто не е нов туку е повеќе од век стар, а ниту пак е либерален – зашто ги намалува практично сите слободи освоени во изминатиот век) стана досега невидена сеуништувачка светска парадигма. Која не само што пеколно го забрза уништувањето на живиот свет на планетата и го доведе во прашање опстанокот на човештвото (дури и во блиската иднина мерлива со една човечка генерација), туку го направи и она што се сметаше за невозможно. Ја сврте наназад насоката во интелектуалниот развој на човечкиот вид, доведувајќи ги во прашање практично сите вредности на просветителството, позитивизмот, хуманизмот, секуларноста, еднаквоста и слободата. Сосем незамисливо, но со глобалното остварување на неолибералистичкиот рај стана очигледно дека човештвото почна да заглупавува.

Иако достапноста на образованието се зголемува, веќе сосем јасно стана дека неговиот квалитет постојано и парадоксално почна да се намалува. Но, уште позагрижувачки е фактот дека многу повеќе се зголемува недовербата во стручните и професионалните знаења, а филозофијата веќе нема никаков удел во јавниот дискурс. Знаењето воопшто станува „непопуларно“, а верските и суеверските трендови – заедно со риалити знаењето, теориите на заговор и секаков вид на баналности, псевдоинтелектуалното ѓубре и други интернет плиткости – добиваат се повеќе „верници“, „фанови“ или „следбеници“.

Но, напуштањето на просветителските вредности не е некоја несакана и непредвидена нуспојава на неолибералистичката контрареволуција – таа е во самата идеолошка срцевина на неолиберализмот. Заглупавувањето на човештвото е непосредна последица на една од основните премиси на неолиберализмот. Таа беше лаконски формулирана во изјавата на „челичната“ Маргарет Тачер, во нејзината пророчка изјава дека „такво нешто како што е општество, не постои“. Челичниот гуру на неолиберализмот не само што честопати изјавуваше, туку и го претвори во државна политика ставот дека „академските работници, со исклучок на истражувачите во природните науки, впрочем не прават ништо; може да се каже дека тоа се банда левичари што само ги расфрлаат парите на даночните обврзници“.

Така што, пропаста на социјалистичката идеја во 80-ите и 90-ите, не остави идеолошки вакуум зад себе, туку ја инаугурираше најкорозивната идеологија на сите времиња, имбецилниот неолиберализам во кој профитот односно парите се единствената вредност на светот. А, неговиот реверс – консумеризмот, само ја материјализира и ја „рационализира“ единствената постоечка вредност, претворајќи ја во ѓубре, отпад, односно во ништо. Во децениите што следуваа, местото на социјалистичката идеја – единствената идеологија што се темелеше на начелата на еднаквост, братство, слобода, социјална правда, научен позитивизам и секуларност – го исполнија суровиот и нечесниот, наместен и однапред добиен, капиталистички натпревар за профит. На тој начин неолиберализмот ги зголеми нееднаквостите во светот до невидени размери и ги оживеа долго време замрените верски фундаментализми.

Конечно, преправајќи се дека не е идеологија туку само „начин на производството“ и претворајќи ги комунизмот и социјализмот во најголемото зло на 20 век, неолибералниот капитализам го стави светот во парадоксална, практично невозможна состојба, во која буквално е оневозможено досегањето на каква било алтернативна или спасоносна политичка идеја. Според зборовите на Малуф ова идеолошко малоумие произведе регресивен, дури смртоносен парадокс, во кој десниот конзервативизам стана револуционерен, додека левицата – ако воопшто ја има – стана конзервативна, присилена да ги брани порано стекнатите права и позиции. Во овој безидеен матнеж, над кој беснее неолибералниот капиталистички оркан, „светот буквално се распаѓа… а мнозинството луѓе на планетата веќе престана да верува во напредокот и во благосостојбата за сите“.

Декласирани од сите класи

Една жртва на неолибералистичкиот капитализам ја опиша својата населба од 7.000 луѓе, во која не постои ниту едно детско игралиште, ниту еден банкомат – а не, пак, банка или пошта – па локалните луѓе до првиот банкомат патуваат со автобус, додека статистиките ги соборуваат годините на нивниот животен век (што не се случило повеќе од еден век). Друга, пак, жртва го опиша селото во коешто живее, во кое веќе нема библиотека, затворени се сите кафеани, нема веќе ниту една продавница, а нема ниту училиште или болница. И, што мислите, од каде потекнуваат овие сведочења – од Македоња Норд или од некоја друга постсоцијалистичка земја проколната со немилосрдната неолибералистичка транзиција? Не, почитувани читатели, првата жртва зборува за Манчестер, а втората за Јоркшир, обата – се разбира – во Велика Британија.

Човечката цена на разорните сили на политиките поттикнати од неолибералниот индивидуализам, корпоративниот профит и презирот кон јавниот интерес и општите добра, е подеднаква во сите земји на светот низ коишто поминал разорниот вртложен столб на неолибералистичката катаклизма. Сите општества во коишто последниве четири децении беше применета пророчката формула на „челичната леди“ беа мелени и претворени во агрегации на осиромашени и незадоволни, дезориентирани и беспомошни, очајни и разјарени индивидуи, што се регрутирани од сите некогашни класи, создавајќи ја така толпата на новите глобални лумпенпролетери.

Ако одамна не сте го сретнале поимот „лумпенпролетер“, ќе ве потсетам дека Маркс и Енгелс го спомнаа уште во „Комунистичкиот манифест“, во далечната 1848. Од тогаш лумпенпролетаријатот ја означува толпата на најмизерните луѓе во капиталистичкото општество: оние невработените, развластените, осиромашените, невработените јадници. Тоа се декласираните припадници на сите класи што останале без своите поранешни животи, декласирани, деградирани и конечно дегенерирани елементи на општеството. Тие се незаобиколливиот производ на повторливите кризи на либералниот капитализам, нивната цена платена во човечка валута. Оваа најопасна класа на човечки мизерници, шкартот што отпаѓа од вртложната машина на капитализмот, очајот, беспомошноста и идејната дезориентираност закономерно ја претвора во толпа што го бара спасот во авторитарен водач, во армија од која е составен секој фашизам на светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот