Лукашенко вети дека ќе продолжи со репресијата врз новинарите и активистите

Лукашенко/ Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Александар Лукашенко, долгогодишниот авторитарен претседател на Белорусија, вети дека ќе ја продолжи пресметката со граѓанските активисти, кои ги опиша како банди и странски агенти.

Лукашенко остро ги критикуваше државните службеници за дозволувањето на активностите на невладините организации, кои тој ги нарече „штетни за државата“.

„Акцијата за чистење е во тек. Дали мислите дека е лесно? Илјадници наши луѓе работат за нив, а нивниот мозок е нарушен и испран со странски пари“, рече Лукашенко.

Во последните недели, белоруските власти ги интензивираат конфронтациите со независните медиуми и активисти на граѓанското општество.

Центарот за заштита на човековите права изјави дека агенциите за безбедност извршиле повеќе од 200 претреси во канцелариите и становите на новинари и активисти овој месец.

Според групата, властите денес уапсиле уште 11 активисти.

Белоруската асоцијација на новинари, чија забрана беше побарана од Министерството за правда вчера, изјави дека властите по втор пат извршиле претрес во станот на хонорарната новинарка Тања Смоткина и ја уапсиле под обвинение за „поттикнување немири“.

Штрајк со глад на уапсен новинар

Новинарката на Радио Слободна Европа, Ина Стуџинскаја, која беше уапсена минатата недела, денес штрајкува со глад бидејќи властите не и дозволуваат да се види со адвокат, соопшти Здружението, додавајќи дека во нејзината ќелија нема кревети и дека светлата беа вклучени 24 часа на ден.

Во притвор има 31 новинар кој чека судење или издржува казна.

Властите ги замрзнаа банкарските сметки на белорускиот ПЕН центар, здружение на писатели предводени од Светлана Алексијевиќ, добитник на Нобеловата награда за литература во 2015 година.

Владата на Лукашенко започна остра пресметка со противниците по претседателските избори во август 2020 година, кога избија масовни антивладини протести низ целата земја. Демонстрантите се побунија против официјалните изборни резултати, според кои Лукашенко победи убедливо и се стекна со правото на шести мандат.

Повеќе од 35 000 луѓе беа уапсени за учество во повеќемесечни демонстрации, од кои илјадници беа брутално претепани од полицијата. Властите исто така беа насочени кон новинарите кои известуваа за протестот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот