Луѓето што вредеа во оваа држава

Биљана Секуловска / Фото: Архива на Слободен печат

Оваа земја ќе стане навистина држава тогаш, во оној момент, кога ќе стане свесна за луѓето што ја раѓале, ја растеле, ја негувале, граделе, ја создале.

Што е слободата на изразување? – прашува Салман Ружди и објаснува: „Без слобода да може да се навреди некој, таа престанува да постои“. Затоа и великанот на македонската архитектура, Петар Муличковски, пред 11 години кога правев интервју со него во „Нова“, изјави: „Скопје 2014 е глупост и срам“. Тоа е времето на Груевски, на груевизмот, кога наградениот проект, зградата на Владата, ремек-делото на Муличковски, беше претворено во криминална, циркуска креатура, за која дури и му било понудено да биде консултант за идејните решенија за новата барокна фасада.

Муличковски почина оваа недела на 93 години. Неговите колеги се простуваа со него, славејќи го како нивен важен учител и голем архитект. Но, еднакво значаен е Муличковски и поради неговата храброст да говори јавно во тие мрачни времиња, поради борбеноста од која не се откажуваше, поради слободата за која ретко кој во тоа време се бореше, поради свесноста дека немаме избор, затоа што ако стравот нè води во тешки времиња, подобро сами да се закопаме во срамот.

Муличковски не се бореше само за своето дело, секако дека не. Тој говореше за опасноста од уништување, крадење, од фалсификување на сите дела во оваа држава, тој предупредуваше на историскиот, културен, општествен геноцид за кој малку луѓе го креваа својот глас, храбро, гордо, без оглед на свесноста за последиците.

И затоа – оваа земја ќе стане навистина држава тогаш, во оној момент, кога ќе стане свесна за луѓето кои ја раѓале, ја растеле, ја негувале, граделе, ја создале. Тогаш кога ќе знае да им се оддолжи на Илинка Митрева, Петар Муличковски, на таткото на Младиот отворен театар, Љубиша Никодиновски-Биш…на луѓето што заминаа во последниве две недели. Ако властите не сакале да им се оддолжуваат додека биле живи, тогаш имаат обврска за иднината – да покажат дека тоа се луѓето што навистина вределе во оваа земја. Конечно, токму затоа што тие ја создале.

Авторката е новинарка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот