Луѓе и куќи горат зашто политичарите се вон контрола
Загина човек во селото Кокошиње, Кумановско, се задушил од чадот, ама тоа не е вашиот татко, не е дедо на вашите деца, бессовесни, туку на некои скромни дечиња чии родители се борат да го протуркаат месецот додека вие аздисувате со по две илјади евра плата, плус додатоци
Изгореа 40 куќи во светиниколските села и три во Дојран, ама тоа не се вашите куќи, господа надлежни, туку куќи на обичниот народ! Не е утеха што голем дел биле напуштени куќи, туку срамен обид за релативизација на неспособноста на „главата“ на системот, која смрди, корне и нè задушува многу посилно од чадиштата на шумските пожари.
Изгореа и домови во кои се живее, ама тоа не се вашите хациенди и луксузни викендички, до кои си градите патишта и друга потребна инфраструктура, туку домови што се домеле со солзи и пот на чесни семејства, господа мрзливи, од кои бесрамно барате гласови на избори, а потоа ги заборавате, небаре тие ви се ваши слуги, а не обратно!
Загина човек во селото Кокошиње, Кумановско, се задушил од чадот, ама тоа не е вашиот татко, не е дедо на вашите деца, бессовесни, туку на некои скромни дечиња чии родители се борат да го протуркаат месецот додека вие аздисувате со по две илјади евра плата, плус додатоци.
Изгореа живи илјадници желки, ежови, верверички и други шумски жители, ама тоа не се вашите скапи фризирани миленичиња, туку нашиот биодиверзитет, кој вие бездушно го уништувате, не само со оган. Сте слушнале ли какви крикови испуштаат беспомошните животинки додека горат? Ајде, слушнете, да видите што направивте!
Изгореа стотици хектари шума од различен вид, ама тоа не се вашите шуми, умислени едни, туку наши, на нашите деца, на нашите неродени внуци. Кога горат шуми, гори нашата иднина, а вие тоа свесно го дозволувате!
Што, не е точно? Не сакате да се пеплоса прекрасната шумско-планинска Македонија? Со што докажувате дека нè сакате? Со евтините дневнополитики трикчиња дека СДСМ е виновна, ВМРО-ДПМНЕ е уште повиновна, со пинг-понг соопштенијата со кои како некои тужибаби се надмудрувате на простачко ниво кој е виновен? СДСМ со целиот ум се фали дека кога во нивниот мандат во 2021 година гореше Источна Македонија не изгорела ниедна куќа? Сега задоволни ли се дека изгореа 43, па ќе имаат „муниција“ да пукаат дека на актуелниве „главурди“ вмровци им изгореа 43 куќи? Фатете се за лопатите сите топтан и одете мавајте со нив по запалените грмушки, како што очекувате противпожарните единици во 21 век со лопати и торба вода на грбот да ве спасуваат од одговорноста за несторувањето!
Стојанче Ангелов сите вас надмени надлежни да ве натовари на багери и да ве однесе право на првата линија на пожарите, за да удрите храбро по огнот, како што се удирате во гради за Македонија, да видите како е до оган без опрема. После веројатно ќе ви текне што навистина требаше досега да направите. Затоа што сто стапа по туѓ грб не болат, а Македонија вам ви е туѓа. Штом не горат вашите дедовци, шуми и куќи, нека ви горат малку дланките што и онака досега ги користевте само за да го испокрадете овој кроток и мирен народ, кој само молчи и ве трпи, што и да му приредите како понижување!
Пред четири години, кога гореше во Кочанско и за малку ќе се запалеше и градот, нè спасија противпожарни доброволни друштва од Австрија, Словенија, Романија, Унгарија, Србија… Тие доброволци со себе донесоа долги и дебели црева што се составуваа во линија до пет километри и пумпи со кои црпеа вода од потоците и реките. Донесоа и подвижни базени и подвижни агрегати и за два дена го изгаснаа огромниот пожар што претходно нашите професионални пожарникари со денови не можеа да го изгаснат затоа што немаа соодветна опрема. Тешкиот срам што доброволни пожарникарски друштва се поопремени од професионални државни пожарникари, го изеде само обичниот народ. Надлежните не се засрамија. Ниту годинава не се засрамија кога српски и турски хеликоптери, хрватски канадери и романскиот „Спартан“ ги гаснеа пожарите од пред две седмици и кога мораа пензионираните пилоти да летаат ер-трактори!
Ако се засрамеа, ама и ако ние граѓаните покажевме повеќе свест и гласно баравме да се обезбеди достоинствена противпожарна заштита од огнови на отворен простор, досега ќе беше сè поинаку. Ќе набавеа нова и модерна опрема и за превентива и за гаснење од земја и од воздух. Сензори, камери и дронови за рана детекција, кули за набљудување, лабораторија за полесно справување, нови камиони и цистерни, теренски возила и багери, модерна заштитна опрема за пожарникарите, нови летала, како и црева и пумпи какви што донесоа Австријците и Словенците пред четири години. Дали е ова сложено како да се гради нов ЦЕРН во Македонија? Секако дека не е, ама за нашиве непрокопсаници на власт 30 години наназад да се купат пумпи и црева е посложено и од испраќање сонда на Месечината.
Сè се знае, сè е јасно, само треба волја да се примени. Живееме во планинска земја што не е отпорна на пожари, имаме неодговорни граѓани што палат што стигнат, необучени земјоделци, кои исто така палат по нивите, отворени нестандардни депонии што најредовно си се палат оти „тоа им е работа“, струјата ја носиме по бандери, а при ветер и тие искрат и палат… И, при ваква состојба, зошто не се набавува опрема? Зошто Законот за пожарникарството ни е полн со дупки како противпожарните црева? Зошто нема доволно пожарникари? Зошто општините од своите скромни буџети треба да им даваат плати на професионалните пожарникари наместо да си купуваат опрема што е соодветна за локалниот терен и потребите, а државата да си ги исплаќа платите? Зошто никој не им помага со опрема на доброволните противпожарни друштва?
Илјада зошто, две затоа – затоа што политичарите ги интересира само фотелјата и како да зграбат власт и затоа што народот има кратко помнење, а нема храброст да симнува од власт!