ЛУЃЕТО БЕСНИ, РЕЖИМОТ БРУТАЛЕН: Крвавите протести во Иран го „нишаат“ исплашениот државен врв

Фото: Профимедиа

Масовните протести во Иран кои беа поттикнати од поскапувањето на горивата започнаа на 15 ноември во Шираз и брзо се проширија во повеќе градови во оваа земја. Режимот, врховниот лидер на демонстрантите го нарече хулиган и тврди дека бунтот всушност е завера која потекнува од „надвор“.

Во обидите за сузбивање на протестите, властите на неколку дена го гаснеа интернетот за да не може да се објавува што всушност се случува на улиците. Блокадата на интернетот траеше пет дена, но веднаш откако беше укината,почнаа да се појавуваат фотографии и снимки од насилното однесување на надлежните против демонстрантите.

Според податоците од терен кои ги собра „Амнести интернешнл“, безбедносните сили во земјата убиле најмалку 161 демонстрант, додека властите ги оспоруваат тие цифри, но не изнесуваат свои. Агенцијата „Ројтерс“ наведе дека повеќе од 7.000 луѓе се притворени поради протестите, вклучувајќи и 180 наводни лидери на кои им се заканува смртна казна.

Потоа, демонстрациите во Иран се претворија во политички протест, со повикнување на оставка од највисоките државници.

„Власта е во страв“

Новинарката Фарназ Фасихи од „Њујорк тајмс“ неодамна изјави дека за 25 години, колку што извествува за Иран, „никогаш не видела толку жестоки, гневни и распространети протести“ и оцени дека ситуацијата е многу сериозна.

– Затоа интернетот не работи. Власта е во страв – вели таа.

И покрај лажното претставување во медиумите, протестите „главно се мирни“, а бруталниот режим настојува да ги сузбие. Протестите избија и покрај најавата на владата дека приходите од скокот на цените на горивата ќе бидат распределени меѓу 18 милиони најзагрозени домаќинства, поточно на околу 60 милиони Иранци.

Ерупцијата на национални протести илустрира длабока недоверба на народот кон ветувањата на државата, а планот за компензација не е ни приближно во согласност со скокот на цените, а програмата за примена на планот е сосема нејасна, сметаат експертите. Тие додаваат дека само 20 милиони луѓе имале право на недоволна исплата. Најважно од сѐ, според експертите, е тоа што горивото претставува значаен дел од трошоците на домаќинствата со најниски примања, а зголемувањето на цените предизвикува домино-ефект, поради кој многу основни намирници ќе станат уште поскапи.

Со ова, дополнително се зголемува огромниот економски притисок на кој просечните Иранци се изложени во последните години поради високата стапка на невработеност, ниските плати, огромната инфлација и девалвација. Во исто време, корупцијата и лошото управување во круговите на елитата и понатаму продолжуваат.

Социјално-економската несигурност на Иранците и економската криза во земјата дополнително се влошија поради американските санкции воведени пред 18 месеци, со кој е блокиран приливот на многупотребните странски инвестиции. Во исто време, проблемите главно се поради „домашното производство“.

Во позадината на скокот на цените на гориво веројатно се наоѓа и значително и итно ограничување на буџетот, кое би ја загрозила и исплатата на платите на државните чиновници, вклучувајќи ги и различните сили за безбедност. Овде клучна улога одигра и драматичниот пад на извозот на иранската нафта, кој претходно беше непресушен извор на државни приходи.

Проблемот со намалениот буџет можеше да се надомести со воведување на даноци за економските гиганти, кои ги водат „верските фондации“, Корпусот на Исламската револуција и врховниот лидер. Наместо тоа, естаблишментот воведе строги мерки за штедење на народот, кој во последните години се повеќе осиромашува.

Зад одлуката за драстичното зголемување на цените стојат претседателот Хасан Рохани, претседателот на парламентот Али Лариџани и шефот на судството Ебрахим Раиси. Врховниот лидер Али Хамнеи, без чие одобрување ваква одлука би била невозможна, го правдаше зголемувањето на цените, обвинувајќи ги демонстрантите дека се „хулигани“ и дека предизвикуваат немири во име на непријателите на Иран.

Ноемвриските протести, всушност, претставуваат продолжување на демонстрациите одржани од декември 2017 година до јануари 2018 година, кои траеја само една недела. Овојпат, народниот бунт и насилниот одговор на властите означува престврт поради повеќе причини: сега режимот во целина (како тврдокорните претставници, така и т.н. припадници на умерената струја) се доживува како непријателски. Дури и припадниците на средната класа, кои обично не учествуваат во протести, погодени се од острите мерки на властите и со гасењето на интернетот (трошоците се проценуваат на околу 55 милиони евра дневно).

Официјален Иран засега не објави статистика за бројот на уапсени, повредени и убиени учесници на протестите поради цените на горивата. Организацијата „Амнести интернешнл“ вели дека има најмалку 161 жртва.

Неименуван ирански пратеник изјави за „АП“ дека смета оти се уапсени повеќе од седум илјади луѓе, додека иранскиот министер за внатрешни работи изјави дека во демонстрациите учествувале повеќе од 200.000 луѓе.

Демонстрантите напаѓаа бензински пумпи, но нивната главна цел беа банките. Нападнаа повеќе од 700 банки, уништија многу банкомати и ги палеа со бензин, соопшти министерот за внатрешни работи Абдулреза Размани Фазли. Според експертите, ваквото искажување на бес не било без причина. Во последните години, банките, под товарот на долгови и корупција, пропаѓале една по друга, што предизвикувало спорадични протести на оние кои вложувале кај нив, а потоа останале без нивните пари.

Коментирајќи ги демонстрациите, врховниот лидер Али Хамнеи, демонстрантите ги нарече „криминалци“.

Нападите на банките беа честа појава и во 1978 година, во судирите на поддржувачите на Реза Paхлави и Исламската револуција. Тогаш милиони луѓе излегоа на улиците, што во земјата дотогаш не беше видено.

Меѓутоа, тогаш демонстрациите настанаа насилни во рок од еден ден, што покажува каква опасност лебди над главите на иранскиот режим, кој веројатно го очекуваат уште тешки одлуки, со оглед на тоа дека нема изглед за укинување на американските санкции.

– Овие нереди не се последни и дефинитивно ќе се случуваат и во иднината – предупреди командантот на Револуционерната гарда Али Фадави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот