Луфтханза ќе купува удел во италијанска авиокомпанија, ќе прави центар во Рим

Германската авиокомпанија Луфтханза објави дека ќе преземе 41 отсто од акциите на италијанската компанија ИТА Ервејс, наследник на авиокомпанијата Алиталија. Според „Фајненшл тајмс“, „Луфтханза“ ќе плати 325 милиони евра за уделот, а италијанското Министерство за економски прашања ќе инвестира дополнителни 250 милиони евра во италијанската авиокомпанија. „Луфтханза ќе ја интегрира ИТА со другите авиокомпании во групата, вклучувајќи ги Еуровингс, Свис, Брисел ерлајнс и Аустриан ерлајнс. ИТА тесно ќе соработува со групацијата Луфтханза за да има корист од синергијата на групата“, соопшти компанијата. Во заедничкото соопштение на Луфтханза и италијанското Министерство беше нагласено дека ИТА годинава ќе вработи дополнителни 1.200 лица, со што бројот на вработени ќе достигне 5.500.
„Германската компанија ќе го назначи главниот извршен директор на компанијата, како и еден од петте членови на одборот. Луфтханза има опција да го преземе мнозинскиот пакет акции во иднина врз основа на договорена цена“, пишуваат лондонските медиуми. Извршниот директор на Луфтханза, Карстен Спор, претходно овој месец нагласи дека купувањето на удел во италијанската авиокомпанија и дава на Луфтханза нови географски можности. „Мислам дека ни недостасува јужен центар во споредба со нашите европски конкуренти, особено поради зголемениот сообраќај кон Африка и Латинска Америка“, рече тој. Центарот во Рим, исто така, ќе и понуди на групата повеќе нов капацитет за летање бидејќи центарот во Франкфурт го достигна полн капацитет.