Луди работи!

арбен таравари
Фото: Фејсбук

Многумина можеби од насловот на колумната ќе добијат впечаток дека читаат анализа или книжевна критика на еден од најинтересните романи со ист наслов на генијалниот писател Исмаил Кадаре. Иако не е за вчудоневидување дека на Балканот речиси станува нормално лекарот да глуми инженер, а келнерот да урла во судница со облека на правник, јас сум само читател на Кадаре, но по професија невролог, па се сметам за компетентен во професионалното разложување на мозокот, а не и на некое книжевно дело.

Ова што го велам погоре го правам за да го кренам својот глас за апсурдните вработувања во Северна Македонија. Нешто што слободно може да се поистовети со насловот на Кадаре „Луди работи“. Зошто и како? Процентот на вработени ни е многу низок, сѐ уште го трпиме ужасот и непроценливите штети на поранешниот режим кому, меѓу другото, одлика му беше и партиското вработување, да не речам рекордни 99%. Но она што најмногу ужаснува е што стручната подготовка на многу партиски работници на скала од 1 до 10 е чиста нула!

Па, така, не е за изненадување кога ќе се соочиш со момчиња и девојки, кои дипломирале на мистериозен начин и без какви било квалификации, а тие ти се претставуваат како директори, раководители на сектори и одделенија, па сé до министри! И егото им е до небеса.

Партиите од поранешниот режим кои уште глумат дека успешно опстојуваат на политичката сцена, независно од тоа што им дошол крајот, применуваа криминални стратегии за вработување. Па така, раководните позиции тие ги разбираа како одлични платформи за заработувачка, патувања во странство, „продавање памет“ на Европа и светот, а и како можност да го контролираат секое друго вработување направено под чадорот на институцијата под владение на „избраниот“.

И така, во една таква гротескна ситуација, за да се добиеше работа неопходни беа овие предуслови:

1. Да имаат големо семејство и сите да гласаат за Шефот.

2. Да се полнат кутии или барем да се направи обид за тоа.

3. Да бидат подготвени да жртвуваат сè за Шефот!

4. Да бидат подготвени на прашањето колку се 2 плус 2 да одговорат „колку сакате, шефе“!

5. Да немаат грижа на совест од типот „лошо е што крадам“, „зошто го работам тоа што не го знам“, „зошто сум една обична марионетка“?! Зашто ќе бидат исклучени по автоматизам ако го вклучат мозокот поставувајќи си ги овие прашања.

6. Апликантот да не сака никој друг освен Претседателот и Фамилијата, да ги има при срце, дење да го сака семејството, бидејќи работи за него, а ноќе да ја сака партијата.

7. Ако пак апликантот е во сродство со врхушката или Шефот, не важи ниту еден од условите, бидејќи има среќа што носи „сина крв“ и по автоматизам има различни права од плебството.

Да сумирам, сиве овие стриктни услови, нималку лесни, направија бројот на партиските работници, да не речам „партиски коњаници“, да биде мал во споредба со бројот на невработени, но штетата од нив да биде од високи размери, што ќе има долготрајни последици во нашите сеќавања. За да биде иронијата уште поголема, многумина од потчинетите на „избраните“ се илјадници пати поспособни од нивните шефови, но се принудени да ја трпат нивната бруталност и агресивност. Па, така стануваат пиончиња кои речиси и да не прават ништо, а како што велат Латините, со тоа почнуваат да прават и лошо. И нека не нѐ изненадува што од „верните на партијата“, кои останале на раководни позиции, 99,99% се неспособни. Штетата што ја предизвикуваат се гледа во образованието, здравството, туризмот, културата, спортот и инфраструктурата! Впрочем, реткост би било да се најде сфера каде што штетата е избегната.

Не знам по кој пат ќе прашам, не е ли итно потребно да се направи чистка на овие метастази?!? Зашто ако останат таму, сигурно ќе се размножуваат. Ако вака продолжат работите, со амнестирање и толерирање на неспособните, народот повторно ќе биде онаа маса на луѓе, како плебејците во антички Рим, која ќе нема никакви права во споредба со “Фамилијата од власта. Но, внимавајте, да не биде онаа „Vox populi, ‪vox Dei‬“ или „Гласот на народот е гласот на Бога!“.

 

(Фејсбук статус на авторот)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот