Љубовен триаголник: Кои биле мажите што ги обожаваше Леонардо да Винчи?

Фото: Инстаграм

Многу работи се познати за работата и за интересирањата на Леонардо да Винчи, но што знаеме за неговите љубови и страсти?

Уметникот не оставил дневник. Го интересирал надворешниот, а не внатрешниот свет. Без оглед на тоа, писателите – од биографот Џорџ Васари до Сигмунд Фројд, изучиле илјадници записи на Леонардо барајќи траги и објаснувања.

Петстотини години по смртта на ренесансниот сликар, новата опера „Леонардо“ на композиторите Алекс Милс и Брајан Малин дава нови детали за неговите приватни страсти, прикажувајќи ги неговите интензивни врски со двајцата асистенти.

Џан Џакомо Капроти, познат како „Салај“, односно „малиот ѓавол“ на Да Винчи, бил од сиромашно семејство, кој влегол во ателјето на Леонардо во 1490 година кога имал 10 години. Да Винчи тогаш бил во доцните триесетти. Малиот Џан бил проблематичен. Постојано крадел од Леонардо и од неговите гости или јадел повеќе од што неговиот работодавец сметал за пристојно. Меѓутоа, бил послушен, па во ателјето работел цели 25 години.

Франческо Мелци влегол во животот на Леонардо околу 1505 година. Наспрема Џан, овој млад човек потекнувал од угледно миланско семејство, па станал „секретар“ на ателјето. Да Винчи и Мелци развиле интимна врска, која поедини историчари на уметноста ја опишуваат како „однос на татко и син“. Мелци бил во целост поинаков од Салај и по положбата во друштвото и по однесувањето. Леонардо му се обраќал со „мајстор Франческо“.

„Новата опера прикажува љубовен триаголник. Леонардо од врската со Салај преоѓа во однос со Мелци“, истакнува Малин.

Во доцните години Леонардо се преселил во Франција, но ги повел и двата асистенти. Меѓутоа Салај се вратил во Милано и не бил покрај Да Винчи кога починал во 1519 година.

„Леонардо му оставил само половина лозје, додека за Мелци ги наменил белешките и многуте слики. Изгледа дека долги години се одигрувала приватна драма околу овој љубовен триаголник“, напоменува Малин.

Да Винчи ги прикажувал преку своите дела и Салај и Мелци . Двајцата мажи биле познати по својата физичка убавина, па за Салај се верува дека бил модел за сликите „Бахус“ и „Свети Јован Крстител“.

„Леонардо толку често го сликал Салај што не може да се негира дека му бил муза. Многумина мислат дека тој бил момче на Леонардо бидејќи му купувал облека, патувале заедно и сите зборувале за неговата физичка убавина“, вели Милс и додава:

„Изучивме голем број документи и друг материјал бидејќи сакавме да бидеме сигурни во колкава мера е можно тоа. Стручњаците на делата на Да Винчи сметаат дека сликарот бил хомосексуалец бидејќи сè укажува на тоа, а операта ни дава шанса да го истражиме и тој дел од вонвременскиот уметник“, заклучува Милс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот