Љубовен концерт во Филхармонија: „24 илјади бакнежи“ на Денот на вљубените

Оркестарот на Филхармонија по повод Денот на вљубените на 13 февруари, во 20 часот, ќе го одржи традиционалниот концерт, кој годинава е насловен „24 илјади бакнежи“. Насловот на традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените е извлечен од песната „24 илјади бакнежи“, која ќе биде изведена во рамките на програмата што содржи низа безвременски љубовни песни, како „Еден бакнеж“, „Бјутифул Марија“, „Не ме ките па“ и други. Песната е напишана во 1961 година од Е. Леони, П. Виварели, Л. Фулчи и А. Челентано. Премиерно била изведена на фестивалот „Сан Ремо“ во изведба на Адриано Челентано и Литл Тони и го освоила второто место. Се смета за прва рокенрол песна која влегла во конкуренција за наградата, воедно и за композиција која ја портретира младината во времето на сексуалната револуција.

Благој Нацоски

Како солист на концертот ќе настапи македонскиот тенор со интернационална кариера, Благој Нацоски, кој доаѓа специјално за овој концерт од Италија, и младата македонска вокалистка Светлана Јовановска. Ќе настапи и хор, а во рамки на концертот ќе има и балетска точка во изведба на Кала Каревски, во кореографија на Саша Ефтимов. Концертот ќе го води маестра Дијана Имери Илкоска, една од најнадежните македонски диригентки, која своето образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар, а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 година.

– Ги поканувам сите љубители на најубавата уметност да ни се придружат и заедно да уживаме во специјално одбрана програма со дел од најубавите љубовни теми. Постарите ќе можат да се вратат во младоста, а помладите да чујат како звучеа љубовните песни во минатото. За мене е особено задоволство да се работи со нашата Филхармонија, како и одличните солисти Благој Нацоски и Светлана Јовановска со кои заедно, се надевам, ќе успееме да ја пренесеме нашата љубов во ова време во кое љубовта ни е особено потребна – изјави диригентката Имери Илкоска.

Диригентката Дијана Имери Илкоска и вокалната солистка Светлана Јовановска имаа заеднички настап и минатата година, во рамките на прославата на Денот на ослободувањето на Скопје – 13 Ноември. Концертите за Денот на вљубените се традиционална содржина на Филхармонија повеќе години наназад. Концептуално се различно обликувани од стандардната програмата и најчесто имаат популарен карактер.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 68, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот