Љубовниот јазик на партнерот: Четири работи што мора да ги знаете за да опстане врската

Фото: Профимедиа

Одржувањето на долготрајната врска во живот бара многу работа. Почетните фази на врската честопати се сметаат за најдобри. Со секој разговор и секој допир сакаме сè повеќе и повеќе. По извесно време, овие чувства на возбуда може да се заменат со здодевност.

Со малку труд, можете да ја одржите вашата врска жива, се разбира, ако се грижите и ако тоа го сакате, пишува „24сата.хр“.

1. И двајцата во врската треба да вложат напор

Растеме во свет којшто ни вели дека љубовта и сексот се лесни ако сме со вистинската личност. Социјалните мрежи ни претставуваат искривена слика за љубовта и животот, кои во реалноста не се толку бајковити. Љубовните терапевти тврдат дека многу парови се борат да ја одржат својата долгорочна врска во живот.

Ако го сакате партнерот и тој ве сака вас, време е да почнете да се трудите и да се борите со сите сили. Во секоја врска може да дојде до „замрачување“, тоа е сосема нормална појава. Меѓутоа, она што е важно е како вие ќе се изборите со тоа.

Ако само едниот партнер се бори и се труди да ја одржи врската жива, можеме веднаш да ви кажеме дека тоа не е добар знак. За љубов се потребни двајца. Инвестирањето во вашата врска не треба да биде тешка задача. Зачинете ги работите, вратете ја романсата, присетете се на старите работи што сте ги правеле заедно, присетете се на спомените, одете на вечера, ако престанете да правите нешто што сте правеле порано, обидете се повторно и слично.

2. Работењето на вашата врска може да биде забавно

Неколку работи што треба да ги испробате вклучуваат потсетување на забавните спомени, изненадувања, рандевуа и испробување на нешто ново во спалната соба.

Ако барате начини да се поврзете на подлабоко ниво, многу терапевти советуваат 36 прашања. Врз основа на истражувачкиот експеримент, 36-те прашања се осмислени за да создадат врска и, можеби дури и љубов, помеѓу потполно непознати луѓе.

Прашањата се движат од едноставни до оние малку скокотливи, на пример: „Дали сакате да бидете славни? Што сакаш да правиш? Ако овие ти се последните два часа од животот, со кого би ги поминал? На кого би му се јавиле?“ и слично.

3. Познавање на љубовниот јазик

Секој ја разбира и прима љубовта на одреден начин. Поточно, постојат пет, а концептот се нарекува пет љубовни јазици напишани од експертот за врски Гери Чепмен во книгата „Петте љубовни јазици: Тајната на љубовта што трае“ (The Five Love Languages: The Secret to Love That Lasts).

Прв јазик: Зборови и комплименти

Користете зборови за да ја зајакнете врската. Вербалните комплименти не мора да бидат сложени. Кратките и едноставните зборови и реченици исто така можат да бидат ефикасни. На пример: „Ти благодарам за вечерата“, „Твојата коса е особено убава денес“, „Горд сум на тебе“ и слични афирмации. Партнерите кои „зборуваат“ на овој јазик ги почитуваат пофалбата и убавиот збор. Од друга страна, негативните коментари и невниманието со изборот на зборови можат да му наштетат на партнерот. На тој тип ќе му треба повеќе време за да ги прости изговорените зборови од другите.

Втор јазик: Важноста на делата

За луѓето кои „зборуваат“ друг љубовен јазик, делата значат повеќе од зборови. Немојте само да ветувате, туку тргнете во акција. Правете го она што го усреќува вашиот партнер, а пред тоа, истражете и размислете за работите што ги сака. Тоа може да бидат и едноставни секојдневни гестови. Исперете ги алиштата, исчистете ја куќата или направете ручек. Повремените романтични гестови се секогаш добредојдени. Изненадете го партнерот со романтичен излет или вечера. Со вашите дела покажувате дека се грижите за партнерот и заедничкиот живот. Ако не сте сигурни што сака партнерот, бидете отворени и прашајте.

Трет јазик: Примање подароци

Подарокот му дава на партнерот да знаење дека е почитуван, сакан и важен. Луѓето кои „зборуваат“ на овој јазик најмногу размислуваат за трудот и размислувањето што му претходело на добиениот подарок. Тоа не мора да биде нешто големо и скапо. Важна е намерата и желбата да го усреќите партнерот. Изборот на вистинскиот подарок покажува дека добро го разбирате и познавате партнерот, а што е најважно – дека го слушате. На тој начин ја одржувате љубовта и приврзаноста. Подарете на посебен начин и изразете ја својата благодарност кога партнерот ќе ви подари вам.

Четврти јазик: Квалитетно заедничко време

За нив, заедничкото време е најважно. Само вие двајцата и квалитетно дружење во четири очи е клучот за среќа за партнерот кој најдобро го разбира четвртиот јазик. Секако, во тој случај важен е разговорот, без разлика дали е сериозен или не. Технологијата си го донесе своето, така што сè помалку има разговор во четири очи. Наместо филм на телевизија, однесете го партнерот на прошетка или гответе заедно. Притоа, исклучете се од остатокот од светот.

Петти јазик: Физички допир

Луѓето кои најдобро го разбираат јазикот на допирот, имаат потреба од поголема физичка блискост од другите. Тоа може да биде држење за раце, бакнување, галење или гушкање. Тие невербално ја изјаснуваат својата љубов и приврзаност. Физичкиот допир е директен начин за давање внимание, додека истовремено смирува и лекува. Пронајдете начини да ја искажете својата љубов со физички допир. Во овој случај, на вашиот партнер ништо повеќе не му кажува од допирот. Допирајте ја раката на партнерот, прегрнете го или бакнете го за добро утро.

4. Привлечноста и желбата можат повторно да се разбудат

Не фокусирајте се само на физичката страна на привлечноста и сексот. Иако партнерот на почетокот ве привлекол со неговиот изглед, привлечноста е често повеќеслојна и зависи од многу различни работи. За некои тоа е начинот на кој звучи нивниот партнер кога се смее, за други тоа е начинот на кој тој мириса, шегите што ги кажува или начинот на кој ги опсипува со внимание.

Фокусирајте се на вистинските работи коишто порано ви биле привлечни и можеби повторно ќе почнете да ја чувствувате таа привлечност кон саканата личност, пишува Your Tango.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот