Љубица Јаневска Ивановска: Секоја жена треба да поседува личен печат, нешто што ќе ја дефинира

На „женски“ теми си правиме пријатен муабет со познатата убавица од телевизиските екрани – Љубица Јаневска Ивановска презентер – уредник и водител на утринската програма „Здраво Македонија“.

Како да се остане фит во денешно време кога сме под постојан стрес? 

– Најважен е сонот. Ниту една маска, ниту шминка не може да го сокрие уморното лице. Со оглед на тоа дека сум човек кој станува дури и пред изгрејсонце, самиот факт што сè уште е ноќ, е стрес за целиот организам. Така што мојот сон мора да трае повеќе од шест часа и легнувањето на време ми е приоритет особено во работните денови. Доволниот сон е многу значаен за секој човек, затоа што одмореното тело и одморениот организам полесно можат да се справат со стресот и стресните ситуации, а со тоа луѓето, во текот на денот, да ги избегнат нездравите грицки и нездравата храна и да останат фит.

Какви „трикчиња“ применуваш за убав изглед?

– Бидејќи мојата работа значи и многу пудра во текот на пет дена во неделата, некогаш и повеќе, грижата за кожата ми е многу важна. Грижата за лицето ја препуштам на професионалци бидејќи тука не можам сама да си помогнам, а кога немам доволно време за пилинг на телото кај мојата козметичарка, тогаш си правам домашен пилинг. Потребни состојки се шеќер, масло и млеко. Обично сите состојки ги ставам „од око“, за да се добие густа смеса која нема да се растекува низ телото. Препорачувам да се користи кокосово масло затоа што е одлично за хидратација на кожата, за порите и друго. Еднаш неделно е доволно за освежување на кожата на телото.

Која, според тебе, е жена со стил и зошто?

– Секоја жена треба да поседува личен печат, нешто што ќе ја дефинира. Има многу жени што ме фасцинираат, но ќе ја издвојам кралицата Раниа Ал-Абдулах од Јордан. Жена со истенчен стил, особена убавина, грациозност, едноставно – жена во секоја смисла на зборот.

На кое прашање жените треба да бидат најгласни во Македонија? 

– Прашањето за себе, за своите деца. Моќта не жената е несомнена, но жалам, што одредени жени се наоѓаат во незавидни ситуации и трпат сè и сешто од својот партнер. Често како мајки се во улога на жртви само за да го заштитат своето дете. Сакам да се слушне гласот на оние немоќните, малтретираните, измачените. Им треба нашата помош, треба да им се подаде рака, да им се врати самодовербата. Ме излудува информација од типот дека маж претепал жена или кога маж се заканува на жена, и тоа во 21 век. Мораме како жени да бидеме погласни, посигурни во себе и своите квалитети. Ние, жените можеме да го промениме светот на подобро.

Рецепт за здрав појадок од твојата кујна? 

– Најдобро што како појадок го користев, особено во месеците од бременоста, беше два цедени портокала, со 500 мг Ц витамин. Два вида овошје, со 15 зрна аронија, 5 смокви, и шолја топло какао, иако за подобра лактација го пиев овесното млеко во раните утрински часови. А, со овој начин на исхрана знам многу често да го започнам денот. Но, за оние кои сакаат ,,опиплив“ појадок препорачувам пржени три белки и едно цело јајце. Ова е доза за жени, додека за мажите се 5 белки и едно цело јајце. И вода, многу вода во текот на денот!

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот