Љубе Бошкоски се враќа во судница – повторно ќе му се суди за „Кампања“

Европскиот суд за човекови права во јуни лани пресуди дека на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, му биле прекршени правата на фер судење по обвинувањето за нелегално финансирање на неговата партија Обединети за Македонија за време на изборите во 2011 година

Предметот во јавноста познат како „Кампања“ одново се враќа во судница, откако Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје го прифати барањето на одбраната на Љубе Бошкоски за повторно судење.

„Согласно пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, добиено е позитивно милење од надлежниот Јавен обвинител по што е уважено барањето, за кое странките не вложиле жалба пред Апелациониот суд и истото е веќе правосилно“, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд.

Од Судот посочуваат дека врз основа на решението на Кривичниот совет оформен е нов предмет за кој дополнително ќе биде закажана главна расправа за судење.

Бошкоски беше уапсен на 6 јуни 2011 година, ден по парламентарните избори, пред ресторанот „Воденица“ во Скопје, под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања.

Во 2014 тој беше осуден на пет години затвор. Во 2016 година тој излезе од затворот во Идризово каде ја отслужуваше казната.

Европскиот суд за човекови права во јуни лани пресуди дека на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, му биле прекршени правата на фер судење по обвинувањето за нелегално финансирање на неговата партија Обединети за Македонија за време на изборите во 2011 година.

Судот во однос на тужбата на Бошкоски против Република Северна Македонија констатира и дека во текот на целото судење имало „недостиг на правичност“ согласно Европската конвенција за човекови права, поради што пресуди да му бидат исплатени 4 500 евра за нематеријална штета и 1 220 евра за трошоци и расходи.

Бошкоски во тужбата навел дека со посебните процедури за сослушување на заштитениот сведок биле нарушени правата на неговата одбрана и дека одржувањето на три рочишта зад затворени врати претставува повреда на право за одржување на јавна расправа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот