ЛШ: Шанса за поправен, Вардар денеска против норвешкиот Елверум
„Црвено-црните“ веќе седум натпревари по ред не знаат за триумф сезонава во Лигата на шампионите, а се надеваат дека денеска конечно ќе биде прекината негативната серија.
После несреќното реми пред три дена, Вардар 1961 ќе има шанса за поправен да оствари триумф против Елверум од Норвешка. Дуелот се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 18.45 часот, судиска правда ќе делат Хрватите Матија Губица и Борис Милошевиќ.
На табелата во групата „А“ Елверум е на претпоследното седмо место со пет бода, еден повеќе од Вардар 1961.
Најверојатно и на вечерашната пресметка во составот нема да биде голманот Борко Ристовски, а се очекува повторно шанса да добијат Робин Кантегрел и Марко Кизиќ.
На првиот меѓусебен меч беа промашени многу клучни шутеви, направени премногу технички грешки и глупави исклучувања, а тренерот на Вардарци, Стевче Алушовски се надева дека во новите 60 минути ќе биде поинаку.