Екипата на Јувентус далеку потешко од очекувањата го совлада унгарскиот Ференцварош и тоа со гол во судиското продолжение. Јунак на „старата дама“ е Алваро Мората кој голот за 2:1 го постигна во 92. минута.
Натпреварот започна со изненадувачко водство на Ференцварош во 19. минута, Мирто Узуни го изненади Шчешни.
Потоа Јувентус ја презеде иницијативата и нападите вродија со плод во 35. минута кога Кристијано Роналдо со одличен удар од 20-тина метри го совлада унгарскиот голман. Потоа играчите на Јувентус продолжија со нападите но никако не успеваа да најдат начин да го совладаат уште една Дибуш, се до 92. минута кога Мората успеа да погоди и да му донесе триумф на својот тим.
Барселона иако настапи без својот најдобар играч Лионел Меси кој доби одмор, без никакви проблеми со 0:4 го совлада Динамо Киев.
Каталонците сите голови ги постигнаа во второто полувреме, а прв мрежата на украинците ја затресе Сержињо Дест во 52. минута, за пет минути подоцна Мартин Брајтвајт да зголеми на 0:2. Истиот играч беше прецизен од белата точка во 70. минута, а конечниот резултат го постави Гризман во судиското продолжение.
Борусија Дортмунд уште еднаш со 3:0 го совлада Бриж, овој пат на својот „Сигнал Идуна Парк“, а повторно двоен стрелец беше Ерлинг Халанд. Норвешкото чудо од дете се наоѓа во неверојатна форма, во неделата и даде четири гола на Херта, а во последните седум натпревари постигна неверојатни 12 гола.
Прво во 18. минута го отвори резултатот, а во 60. го потврди триумфот и го постави конечниот резултат. Во меѓувреме, Џејдон Санчо во 45. минута со мајсторски шут од слободен удар зголеми на 2:0.

Европскиот вицешампион ПСЖ успеа да се спаси од срамна елиминација уште во групната фаза благодарение на Нејмар. Бразилецот во 10. минута беше прецизен од белата точка за минимален триумф со кој се израмни на второто место на табелата во групата Х токму со Лајпциг.
Резултати:
Група Е
Рен – Челси 1:2
Краснодар – Севилја 1:2
ТАБЕЛА: Челси 10, Севилја 10, Краснодар 1, Рен 1
Група Ф
Дортмунд – Бриж 3:0
Лацио – Зенит 3:1
ТАБЕЛА: Борусија 9, Лацио 8, Бриж 4, Зенит 1
Група Г
Динамо Киев – Барселона 0:4
Јувентус – Ференцварош 2:1
ТАБЕЛА: Барселона 12, Јувентус 9, Динамо К. 1, Ференцварош 1
Група Х
Манчестер јун – Башакшехир 4:1
ПСЖ – Лајпциг 1:0
ТАБЕЛА: Манчестер ј. 9, ПСЖ 6, Лајпциг 6, Башакшехир 3