Во дерби натрпеварот од четвртото коло во Лигата на шампионите Реал Мадрид на „Џузепе Меаца“ го совлада Интер со 2:0 и направи голем исчекор кон пласман во осминафиналето.
За разлика од Реал Мадрид кој се искачи на второто место на табелата во групата Б со седум бода, Интер е речиси елиминиран, закован е на дното на табелата со само два бода. Во последните две кола мора да забележи две победи, а ниту „кралевите“ ниту Борусија Менхенгладбах не смеат да освојат ниту еден бод.
Реал Мадрид победата ја најави уште во петтата минута со голот на Еден Азар од белата точка. Сите шанси на Интер да дојде до израмнување и поволен резултат паднаа во вода во 34. минута кога Артуро Видал го доби вториот жолт картон и беше исклучен од судијата Тејлор.
Конечниот резултат го постави Родриго во 58. минута и тоа веднаш по неговото влегување во игра.
Борусија Менхенгладбах со 4:0 го прегази Шахјтор и остана на лидерската позиција на табелата со осум бода, еден повеќе од Реал Мадрид.
Најголемото изненадување се случи на натпреварот од групата Д каде Аталанта му го нанесе првиот пораз на Ливерпул и тоа на „Енфилд“. Головите за Аталанта ги постигнаа Иличиќ во 60. и Госенс четири минути подоцна.
Актуелниот европски шампион има максимален ефект и по четвртото коло, а вклучувајќи ја и минатата сезона, Баерн Минхен е во неверојатна серија од 15 натпревари по ред во Лигата на шампионите. Баварците со 3:1 го совладаа Салцбург. Левандовски, Коман и Сане ги постигнаа головите за Баерн, додека Бериша беше стрелец за Салцбург кој е последен на табелата со само еден бод.
Резултати:
Група А
Баерн М. – Салцбург 3:1
Атлетико М. – Локомотив М. 0:0
Табела: Баерн М. 12, Атлетико М. 5, Локомотив М. 3, Салцбург 1
Група Б
Интер – Реал Мадрид 0:2
Борусија М. – Шахтјор 4:0
Табела: Борусија М. 8, Реал М. 7, Шахтјор 4, Интер 2
Група Ц
Олимпијакос – Манчестер сити 0:1
Олимпик Марсеј – Порто 0:2
Табела: Манчестер Сити 12, Порто 9, Олимпијакос 3, Олимпик М. 0
Група Д
Ливерпул – Аталанта 0:2
Ајакс – Митјиланд 3:1
Табела: Ливерпул 9, Ајакс 7, Аталанта 7, Митјиланд 0