Фудбалерите на Челси го совладаа Рен со 2:1 на гости и обезбедија пласман во осминафиналето на две кола пред крајот на групната фаза.
И Севиља исто така обзбеди пласман во нокаут фазата откако славеше со идентичен резултат на гостувањето кај Краснодар.
И двете екипи имаат по 10 бодови, додека Рен и Краснодар останаа на по еден и овие две екипи ќе се борат за третото место на табелата кои носи пласман во нокаут фазата во Лигата на Европа.
Челси до победата против Рен дојде со голот на Оливие Жиру во 91. минута, откако Французинот натрча на одбиената топка по шутот на Тимо Вернер и со глава ја смести во мрежата на Рен.
„Сините“ од Лондон поведоа со голот на Калум Хадсон-Одои во 22. минута, додека Рен до израмнување дојде во 85.минута благодарение на Жираси.
Севиља на сличен начин дојде до победата над Краснодар бидејќи голот вреден пласман во осминафиналето го постигна во судиското продолжение.
Шпанскиот тим поведе уште во четвртата минута преку Иван Ракитиќ и тој резултат беше актуелен до 56/ минута кога Краснодар израмни преку Вандерсон. Победничкиот гол Севиља го постигна во 95. минута, а стрелец беше Мунир ел Хадади.