Лошо е ако со учениците и вирусот „тргне“ на училиште

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Дали да се отворат училиштата, целосно или барем делумно, и со тоа да се ризикува ширење на вирусот, или наставата да се одвива преку интернет, од дома, и со тоа да се лишат учениците од социјалната интеракција и да се загрози нивниот психофизички развој?

За три недели почнува новата учебна година, а Министерството за образование и наука (МОН) сѐ уште не излезе со конкретен план за тоа како ќе се спроведува наставниот процес од први септември.

Комисијата за заразни болести досега не даде никаква препорака за тоа по кои протоколи е најдобро да се продолжи образованието, но се очекува утре, 10 август, да биде донесена конечна одлука.

Здравствените и образовните власти се соочени со тешка дилема – дали да овозможат враќање на учениците во ученичките клупи, целосно или барем делумно, и со тоа да ризикуваат брзо ширење на вирусот, или наставата да се одвива преку интернет, од дома, и со тоа да го ослабат образовниот процес, да ги лишат учениците од социјалната интеракција и да го загрозат нивниот психофизички развој.

Отворено прашање е колку и какви заштитни мерки може да се спроведат во училиштата и дали учениците ќе се придржуваат на протоколите, дали ќе можат, на пример, во текот на целиот ден да носат заштитни маски и дали тоа може да биде штетно? Особен проблем ќе биде и тоа како првачињата ќе го почнат своето образование, а првичните информации се дека со нив ќе се работи на дистанца со максимално одржување на хигиената, со тоа што за нив носењето заштитни маски нема да биде задолжително.

Според досегашните информации, се бара некое соломонско, комбинирано решение со делумно одење на настава во училиштата, дополнета со активна онлајн интеракција. Во сите случаи, едно е сигурно, мора да се развива сериозна  платформа за е-учење, и на тоа, според изјавите од МОН, интензивно се работи во последниве месеци.

Ставот на работната група на МОН и на Комисијата за заразни болести е наставата во новата учебна 2020/2021 година да се следи со физичко присуство на учениците секаде каде што постојат услови и во зависност од епидемиолошката состојба во одредена средина. Тоа веројатно ќе значи дека ќе постои вистинско шаренило во протоколите и во нивната примена, што ќе го комплицира надзорот и контролата на нивното спроведување.

Засега се споменуваат неколку сценарија, односно во делови од државата каде што нема доволно деца во класовите да се продолжи со редовна настава, додека во општините каде што има повеќе од 30 деца да се воведе еден вид комбинирана настава, а одделенијата да се делат во групи. Од МОН од претходно информираа дека е можно воведување смени, како и кратење на часовите.

За родителите, па и за експертите, нема дилема дека најдобар за децата е класичниот образовен процес, со физичко присуство во училиштата, но сите се свесни дека здравствената состојба не го дозволува тоа.

– Според мене, најдобра опција би било комбинираната настава во овие услови, доколку продолжи пандемијата. Потребно е да има периоди кога учениците и наставниците ќе си комуницираат во побезбедни услови, во помал број и со заштитна опрема, додека во одредени периоди, не секојдневно, може да има и онлајн настава, приготвена од стручни лица. Поентата е интелектуалниот, односно когнитивниот дел да се предава преку онлајн наставата, додека социјалните, физичките и емоционалните компетенции да се пренесат преку настава во живо – вели психологот Марија Котевска во разговор за „Слободен печат“.

– Природната настава е најдобра бидејќи таа не го опфаќа само образовниот, туку и воспитниот процес врз децата, со што се развиваат нивните социјални и емоционални компетенции, а не само когнитивната функција, и тоа најдобро се развива преку личниот контакт со наставниците, како и преку меѓусебното дружење со другите ученици. Но, на прво место се става здравјето и доколку условите не овозможуваат, подобро е да имаме онлајн настава отколку да нема никаква настава – вели Котевска.

Токму поради тоа, вели Котевска, онлајн наставата мора да биде многу добро да осмислена од стручни лица, бидејќи ќе треба да ги надополнува аспектите од социјалниот, физичкиот и емоционалниот развој на децата.

Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска вчера повтори дека протоколите ќе бидат соопштени на 10 август, а директорите на училиштата ќе имаат една недела да направат план за своето училиште според насоките од МОН затоа што, како што рече, тие најдобро ја знаат состојбата на свој терен и како најдобро да ја менаџираат состојбата. Засега МОН објави Упатство со прирачник за одржување на училишните објекти заедно со видео како да се чистат и дезинфицираат просториите и предметите.

Синдикатот на образовните работници реагираше дека не бил вклучен во работната група на МОН за да се учествува во изработувањето на протоколите, кои токму неговите членови ќе треба да ги спроведуваат.

– Не бевме ниту прашани ниту консултирани, а од нас како наставници и како вработени ќе се бара да ги спроведеме тие протоколи. Не тврдиме дека се лоши, но требаше да бидеме инволвирани за да видиме што е спроведливо, што не е спроведливо и, ако не е добро, да реагираме навреме – изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков, за МИА. По нивните реакции, како што рече, министерот за образование контактирал со Синдикатот и побарал негово официјално мислење, со предлози и ставови.

Во Израел отворањето на училиштата „го отвори пеколот“

Искуствата од враќањето на вообичаениот начин на настава, во оние земји каде што тоа беше направено минатата учебна година, откако стивна т.н. прв бран, се многу неповолни. Неодамна во Израел, каде што учениците се вратија во училиштата во мај, беше објавена студија за ефектите на класичната настава врз епидемијата на ковид-19.

Резултатите покажале дека за еден месец, односно до 3 јуни, кога училиштата повторно беа затворени, 2.026 ученици, наставници и персонал во училиштата се заразиле со ковид-19, а 28.147 ученици биле ставени во карантин, поради можна изложеност на вирусот.

На почетокот комуникацијата помеѓу учениците била ограничена и сите морале да носат заштитни маски, но набргу тие мерки биле олабавени, односно недоволно се почитувале. Отворањето на училиштата имало ефект и на вкупниот тек на епидемијата во земјата.

Токму по тој еден месец додека училиштата биле отворени, вкупниот број на позитивни случаи во Израел пораснал од околу 50 дневно, на околу 1. 500 новоинфицирани дневно! Податоците од Владата на Израел покажуваат дека училиштата станале втор најголем извор на инфекција во тој период.

Учениците се враќаат во училиштата, одложување на учебната година нема да има

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот