Лошиот и полошиот

александар шољаковски
Александар Шољаковски, Фото: Архива

На Заев не му текна да понуди нешто друго, а не дека Груевски бил полош од него. Сега доаѓа наплатата. Заев ќе биде тој што ќе го доведе Мицкоски на власт! Исто како да се вратил Груевски. Можеби и полошо.

Во ноември 1990 година ни се случија првите демократски избори. Колку беа демократски може да се разговара, но беа први повеќепартиски, но и многу фер како за први. Без искуство за тој вид демократија лутавме (и сè уште лутаме) низ тие лавиринти за да стасаме дотука, три децении подоцна. Со сите недоумици, сомнежи, недоверби, лажирања и подметнувања. Без стабилни изборни правила и обичаи. И без некој темелен напредок.

Собиравме искуства на сите страни. На тие избори интервјуирав еден американски специјалист набљудувач. Го прашав кога може да очекуваме нормални, регуларни, без криминални дејства, без големи лажирања… Тој сметаше дека за тоа ќе ни бидат потребни барем 3 до 4 изборни турнуси на сите нивоа. А кога ќе бидат и комплетно чесни? Е, тоа не го знае и дека по такви избори трагал веќе 25 години!

Од тие први избори до сега се изнагледавме сè и сешто. Сите свинштини кои можеа да се направат за мамење на изборната волја – беа направени! Од ординарни јавни лаги до бугарски возови, заплашувања со оружје, пукања и нереди, полнење кутии, палење кутии, колективни гласања, крадење кутии, уцени на сите нивоа до исклучување лифтови, тотална неотчетност за потрошените пари, делење брашно, зејтин и пари како поткуп… Овие дејности се усовршуваа особено во време на владеењето на Груевски.

Секогаш сум се прашувал: дали партиите и луѓето што стоеја зад овие дејности и за кои потрошија толку време и енергија, можеа, наместо тоа, да смислат некоја добра, конзистентна, остварлива програма за развој и за подобрување на животот во оваа земја?

Она што е најинтересно, сите тие што бркаа што поголемо мнозинство за да можат непречено да владеат (62 пратеника на Груевски), најголемите глупости  ги направија токму во времето кога  го имаа тоа мнозинство. Црвенковски, на пример, кој покажа потенцијал во првите две години од владеењето, кога освои апсолутна власт во 1994 година за кратко ги изработи сите афери и скандали. Љубчо во 1998 година го следеше неговиот пример и ја забрза работата, успеа за еден мандат да надомести и да направи толку многу кашканици, кои ни по 20 години не може да ги исчисти од себеси.

Во 2002 година кога повторно „народот ја зеде судбината во свои раце“, се виде дека таа варијанта е истрошена. Груевски во наредната деценија на вината на гарнитурата пред него инсталираше еден ужасен егземплар на автократско владеење, со интенција да задре во сите пори на живеење: од историја, архитектура, па сè до начин на исхрана и живот. Под дотогаш најстрашниот притисок врз медиумите и врз оние што размислуваа поинаку. Среќа во сета таа несреќа беше што тој самиот, со ограничен капацитет, не беше кадарен овие идеи да ги реализира.

Откако еден здрав дел од општеството му ја одработи Шарената револуција, на Заев не му текна дека мора да понуди нешто друго, а не тоа дека Груевски бил полош од него. Сега доаѓа наплатата. И, што треба да биде трагично, Заев ќе биде тој што ќе го доведе Мицкоски на власт! А тоа ќе биде исто како да се вратил Груевски. Или можеби и полошо.

Ако од оваа тажна политичка историја може нешто да се заклучи, тоа е дека Македонија не може да си состави еден колку толку разумен континуитет во политиката (освен со сила, како Груевски), а толку потребен за да излеземе од бедата и заостанувањето. Дотогаш дистинкцијата ќе се прави помеѓу тоа кој е лошиот, а кој е полошиот од него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот