Лоша вест за љубителите на црната напивка: Мразот и сушата го сотреа кафето, следи поскапување

Фото: Архива

По маслото, шеќерот и месото, не очекува раст на цената на кафето. Домашните производители, велат дека засега нема да има пореметување во снабдувањето, но корекцијата на цените е неминовна. Пандемијата доведе до бројни флуктуации на светските пазари, а тоа силно се одрази и на светските производители на кафе. Намалувањето на приходите во Бразил и Колумбија, кои се едни од главните светски производители на кафе, доведе и до пораст на цените на глобално ниво.

– Неминовно е прелевањето на светската криза и поскапувањето на кафето и на нашите простори. Моменталните цени на кафето како суровина се за 70 отсто повисоки од нивото на кое беа на почетокот на годината, што во голема мера влијае на цената на финалниот производ. Ценовните корекции претставуваат неминовна реакција, бидејќи поскапувањето е условено од голем број фактори, па и со растот на цената на амбалажните материјали, кој исто така во овој момент е повеќе од евидентен. Од сето тоа произлегува заклучокот дека во иднина нè очекуваат повисоки цени на кафето во малопродажбата- вели за „Слободен печат“, Мате Штетиќ, генерален директор на Стратешка област кафе во „Атлантик група“.  

По екстремните суши во Бразил во првата половина од годината, кои го намалија приходот и ги зголемија цените на кафето на светската берза, во текот на минатата недела мраз ги зафати клучните бразилски региони со кафе и дополнително го намали приходот. Ова предизвика нов експлозивен скок на берзата, на која цената на кафето во рок од само два дена двојно се зголеми, објаснува Штетиќ.

– Во овој момент се предвидува дека поради ваквите екстремни климатски услови можни се и поголеми загуби на кафе во однос на она што беше очекувано. Така што, ситуацијата во однос на снабдувањето ќе биде значително влошена, но „Атлантик група“, како најголем производител на кафе во регионот, поради долгогодишните партнерски односи кои ги има со добавувачите, не очекува недостиг од аспект на набавката на кафе – додава Штетиќ.

И од компанијата Паскалин за „Слободен печат“ се согласуваат дека сите показатели укажуваат на можни поскапување на црната напивка, но засега ќе се трудат да ги задржат актуелните цени и дека постојано ги следат берзантските информации.

Податоците на Државниот завод за статистика откриваат дека едно македонско семсјтво лани испило 8,8 килограми кафе, а потрошувачката во 2019 година била 9,3 килограми. Лани семјствата испиле и по 500 грама инстант каде и само 100 грама капучино.

Недостигот на бродови и контејнери го поскапува транспортот

Освен климатските промени, очигледни се и последиците од кризата која ја зафати оваа индустрија, како и недостигот од работници предизвикан од пандемијата, а кон сето ова треба да се додадат и логистичките проблеми во снабдувањето со кафе поради дефицитарните бродови и контејнери, што дополнително го поскапува транспортот и резултира во доцнењето на кафето на дестинацијата каде треба да биде испорачано. Доволно е само да се истакне дека референтната вредност на фјучрсот во Њујорк за кафето арабика достигна највисоко ниво во последните седум години, додава Штетиќ. Според податоците, Бразил произведува 30 отсто од вкупниот светски извоз.

Видео на денот