Лондон се враќа

Се олабави малку ситуацијата со ограничувањето на движењето, отворија продавниците небитни за преживување (како за кој) и дворовите и терасите на пабовите, кафетериите и рестораните. Во текот на првите денови очекувани со големо нетрпение, се случија следниве настани. Лондончани навалија на оние продавници од кои не можеа или не сакаа да купуваат онлајн. Редици пред Икеа, пред Примарк, Зара и  Ејч&Ем, Ривер Ајланд, оние што не пропадна и ги преживеаја ковид искушенијата. Ги „нападнаа“ и пабовите и рестораните и навалија на – па, како да кажам… па навалија на – пиењето.

Првиот ден од олабавувањето на локдаун мерките беа продадени 4 милиони пинти пиво (една пинта е 568,2 милилитри), односно 92 пинти секоја секунда! Центарот на Лондон, кој до пред едена недела личеше на град на духовите и беше одличен само за оние кои ги знаеја јавните тоалети во околината и си носеа со себе нешто храна и пијалаци од дома, се наполни. И потоа се преполни.

Одлуката на општината Вестминстер да дозволи улиците низ Сохо и околу Ковент гарден да бидат претворени во пешачко кафеански, односно да се извадат маси и столчиња беше полн погодок. Се создаде атмосфера невидена на овие простори од… па невидена воопшто. Се јадеше и пиеше, со акцент на пиеше, како да нема утре. Излегоа луѓето замелушени од седењето дома и нарачуваа, нарачуваа, нарачуваа. Настрана пивото, реки од вина и виски и вотка и шампанско и коктели, а за џинови и за тоници и да не зборуваме. Зашто, поучени од претходните искуства на трите локдауни, а охрабрени од фактот што бројката на ковид заразени е на најниското ниво досега, лондончани се, па се релаксираа, некои и до претерување, ама тоа беше, па, нормална работа.

Посебни приказни

Велат, трите главни работи на Британците им се пиењето, чекањето во редици и поплакувањето, мрчосувањето, озборувањето, во просек трипати на ден. Добро, има уште, како на пример пиењето чај и дали млекото во чајот доаѓа прво, а потоа чајот или обратно. И опседнатоста со фудбалот и фактот што никако да се освои Светскиот куп. И постојани муабети за времето. И… Деновиве, духовите се вознемирија од раководствата на шесте фудбалски клубови од Премиер лигата кои решија дека сакаат уште пари и моќ ,па мораа по два дена да ја подвиткаат опашката и да се извинат. Тоа што невработеноста во земјата е 4,6%, а во Лондон 7,2%, е друга приказна. Најголем дел од младите и оние до 35 години излегуваат од образованието и не знаат што со себе. Нема работа. Тоа што во Северна Ирска пак имаме „невољи“ е исто друга приказна. Кога премиерот го договараше брегзит, небрежно го подзаборави овој дел од Обединетото Кралство и неговата кревка историја, подлажна и дека ќе нема граници и ден денес не знае да објасни што имаме на британска територија – делумно европски царински правила или…? Згора на се, во време на ковид изолација, раководството на Шин Фејн си дозволи групно појавување на погреб на проминентен националист, а протестантите побеснеа зашто немаше никакви последици по „погребџиите“ (на свадби – свадбари, на погреби – погребџии, погребци или политичари кои мислат дека се над законот и се покажува дека се?!).

Со колеги лице в  лице

Но, да се вратам јас во Лондон, каде што посебна приказна е тоа што две третини од вработените, оние среќници кои имаат работа, сакаат наместо да работат од дома, да одат на работа. Интересно, предвидувањата беа дека по речиси една година РОД (работење од дома) тоа ќе стане доминантно и дека на сите толку ќе им се одмили да патуваат до работа што ќе сакаат да продолжат да функционираат од дома. Знаете она – долен дел тренерки, горен дел попристојно и по морност и малку шминка, и сега со отворањето на фризерските салони, и фризура, да се препознаеме меѓу себе.

Ама не! На лондончани им се смачи, им збоктиса, им здосади, им дојде преку глава, ножот дојде до коска (во некои случаи и не само фигуративно) и мнозинството не сака РОД туку сака на работа, да патува со јавен превоз и во канцеларија. Па наместо школување на децата од дома, цел ден по папучи, готвење или нарачување храна и Зум, Скајп, Месинџер и слични интернет комуникации, луѓето сакаат да се чувствуваат возрасни. Да си купат кафе или чај  од Кафе Неро, или Коста Кофи или Старбакс, да испомуабетат со колегите кој како поминал за викенд, да ја прераскажат синоќешната епизода од криминалистичката серија „Линија на должноста“ или да го озборуваат бившиот министер кој се пријавил и танцува како да има две леви во „Танц со познатите“ и…

Ах, Најџел

…И, секако, ќе има муабети и за Најџел Фараж, британскиот десничарски, според многумина ултра десничарски, еден од главните архитекти на брегзитот, плус пријател на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Најџел, кој беше и европратеник, односно со години земаше прилично голема плата како британски претставник во Брисел, беше познат и по тоа што редовно ја навредуваше Европската Унија; да, истата онаа од која уживаше плата, патни трошоци и привилегии. Беше едно време „омилен“ и кај конзервативно десничарските накај ултра поединци и групи и на Балканот, најверојатно да им  дава експертски упатства за тоа како да се биде во системот, да се наплатува од него, и да се „растура“ од внатре.

Најџел, од пред некое време може да се најде и на интернет платформата „Камео“ (Cameo)  каде што вие ќе се регистрирате, ќе напишете што сакате и кому да честитате и тој за неколку дена ќе ви испрати видео роденденска честитка или нешто како поздрав, на пример, „Драг Малколм, ете излеговме од ЕУ и нема враќање, ајде да се радуваме и да го уживаме животот“ .

Најџел е засега единствениот политичар на оваа платформа на која има пејачи, глумци, спортисти и други јавни личности. Честитка или животна мудрост од  пејачката Лили Ален чини 187 фунти, од раперот Ванила Ајс 299 фунти, а од поранешниот водител Џери Спрингер – 76 фунти. Најџел Фараж е поскромен. Поранешниот продавач на половни автомобили излегува од црвена лондонска телефонска кабина, облечен како англиски лорд и честита. „Штетата“ е  само 63 фунти и 75 пени. Траумите се долготрајни.

 

 

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот