Лола Монтез, фатална танчерка на која мажите не можеле да ѝ одолеат, ги вртела сите околу малото прсте, а имала и големи политички амбиции

profimedia

Била просечна танчерка, страсна љубовница, феминистка и голем лажго, ги имала највлијателните и најславни мажи, била една од најневеројатните ликови на своето време.

Лола Монтез била првата жена фотографирана со цигара во устата. Таа била првата куртизана-актерка наречена Гранде Хоризонтале. Авангардна до срж. И многу повеќе од тоа: Лола Монтез била просечна танчерка, страсна љубовница, феминистка и голем лажго, една од најневеројатните ликови на своето време.

profimedia

Била родена како  Елизабет Розана Гилберт во Гранџ, Ирска, на 17 февруари 1821 година. Толку многу лажела што во нејзината биографија не се знае веќе што е лага, а што вистина. Лажела буквално за сè: од тоа дека е вонбрачна ќерка на Лорд Бајрон, до тоа дека е член на шпанско кралско семејство. Дури и кога ќе ја признаела вистината, ги измислувала деталите. Во 1823 година семејството се преселило во Калкута, каде малку подоцна, таткото на Елиза, наречена Лола, починал од колера. На крајот на 1826 година, девојчето било качено на брод, и на шестгодишна возраст била однесена во Шкотска, и оттука почнува да го истакнува својот див карактер. Побожниот очув не бил во можност да ја скроти. Заминала на школување во Англија, каде останала до својата 16 година, откривајќи дека е надарена за учење јазици, но и дека има насилен карактер. Особено ја нервирале жените со кои влегувала во тепачки.

profimedia

Во 1837 година, во Англија и се придружила нејзината мајка, која сакала да ја омажи ќерка си, но Лола побегна со друг маж – полковникот Томас Џејмс со кого се омажила и со него заминала во Индија. Бидејќи често го изневерувала, Џејмс поднел барање за развод. Тогаш Лола заминала во Шпанија каде се претставувала како танчерка, но и како воена вдовица. Патувала низ Европа и секаде успевала да си најде работа благодарение на нејзиниот нов „метод“ на танц кој го нарекла танц на пајак, а при кој ја подигнувала сукњата за публиката да оцени дали носи или не носи гаќички. Сепак, повеќе од ангажмани имала љубовници. Била присутна на сите важни настани, била волшебна заводничка, па не е чудо што царот ѝ доделил „приватна публика“ во Санкт Петербург и илјада рубљи како благодарност.

Во Франција, со поддршка на славниот писател Александар Дума, успеала да влезе во Операта како танчерка. Успеала да му се „пикне под кожа“ и на славниот Франц Лист, но и на други генијалци – од Фредерик Шопен до Проспер Мериме.

Но, најголема љубов, која траела кратко, ѝ бил уредникот на весникот „Ла Прес“, Анри Дујарие, кој починал во двобој (поради неа) во 1845 година. Лола била шокирана од овој настан, но сепак, продолжила и понатаму да освојува, па побегнала во Германија. Набргу била ангажирана како танчерка во Националниот театар во Минхен, под името Лола Монтез, но кога режисерот ја видел претставата веднаш ја отпуштил. Според нејзините раскажувања, доколу може да им се верува, се пожалила на кралот Лудвиг од кој побарала правда. Кога тој ја прашал дали градите ѝ се вистински или лажни, Лола ги зела ножиците и си го пресекла фустанот откривајќи ги нејзините славни (природни) гради. Така, кралот, кој платонски бил вљубен во неа, наредил да го отпуштат режисерот на театарот, а Лола да го потпише договорот.

Влијаела и на неговите политички одлуки кои биле непопуларни кај народот, додека тој ѝ го исполнувал секој нејзин хир. За нејзиниот роденден, во 1847 година, тој дури ја назначил за грофица од Ландсфелд:, а владата поднела оставка во знак на протест. Вљубениот Лудвиг безмалку и го предал на Лола управувањето со кралството. Таа пак, сериозно ја сфатила работата: создала свој политички кабинет, и почнала со реформи, носејќи му на кралот бројни непријатели. Само за да го спаси Лудвиг од неволјите, германски благородник Хајнрих фон Малцан ѝ понудил голема сума на пари за да „исчезне“, но Лола – позната по тоа дека сака скапи подароци- оваа гламурна понуда ја одбила. Против неа биле организирани големи студентски протести. А кога Лудвиг бил присилен да се откаже од престолот, препуштајќи му го на синот, таа веќе го фатила патот за Америка. Но попатно застанала во Лондон, каде се омажила за богатиот британски официр Џорџ Трафорд Хеалд. Се разбира, ѝ него го втурнала во брдо проблеми, додека таа била и обвинета за бигамија бидејќи разводот со Џејмс никогаш не бил потпишан. Хеалд починал под сомнителни околности, мистериозно, додека Лола Монтез, во декември 1851 година, веќе го освојувала Њујорк со својот пајаков танц.

Студентски протести против Лола Монтез, профимедиа

Монтез станала вистинска сензација во САД. Набргу се омажила за својот трет сопруг, популарниот новинар Патрик Пурди Хал, но уште побргу весниците го објавиле разводот. Убедена дека е талентирана за решавање на политички прашања, се преселила во Калифорнија каде се вплеткала во обид за извршување на државен удар, убедувајќи ги жителите на Калифорнија да бараат независност од Соединетите држави и да прогласат ново кралство – Лолаланд. Во тоа кралство, таа би била кралицата. По овој неуспех, морала да побегне назад во Европа,  во 1857 година, каде настапувала на турнеи речиси секоја вечер.

Во јануари 1858 година, повторно тргнала во освојување на Америка, но овојпат била друга жена – мистична, чудна, посветена на астрологијата ама и на црквата. Во секоја прилика не пропуштала да одржи семинар за правата на жените.

На 30 јуни 1860 година, во Њујорк, Лола Монтез доживеала мозочен удар, за неколку месеци закрепнала, но набргу починала од пневмонија, на 17 јануари 1861 година. Сама, но не и сиромашна. Имала само 39 години. Тажен крај за една жена која славниот композиторот Ричард Вагнер ја дефинирал како „демонско суштество“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот