Локално и автентично: Разговор со Бојан Марковиќ, сопственик на „1325 КРАФТ“

Бојан Марковиќ, сопственик на „1325 КРАФТ“ / Фото: Приватна архива

Во јуни ги прашавме следачите на официјалниот инстаграм-профил @slobodenpecat да споделат со нас мали, автентични локални бизниси, кои заслужуваат видливост, а не се во можност да одвојат буџет за рекламирање. Поставивме само еден услов: следбениците да имаат лично позитивно искуство со предлогот што ќе го споделат.

Нашиот денешен соговорник е Бојан Марковиќ од Скопје, кој за себе вели дека е „човек несовршен како и сите други, но кој постојано трага по нови светови“. Тој е сопственик на „1325 КРАФТ“ – работилница за бакарни елементи што му даваат посебен шарм на ентериерот.

– По завршувањето на студиите на Економскиот факултет, започнав со работа во банкарскиот сектор каде што по чесно 10-годишно работење, се решив да ги послушам некои од моите внатрешни ветрови и во ова време (кога е навидум сончево, но врне) да се обидам да успеам на некој сосема поинаков начин. Некогашната шифра за број на работник се претвори во лого.

1325 КРАФТ
1325 КРАФТ / Фото: Приватна архива

Го прашавме што е „1325 КРАФТ“, какви услуги нуди и што е она што го прави автентичен овој мал бизнис.

– „1325 КРАФТ“ е работилница за бакарни ентериер елементи, која постојано цели да понуди нешто што е надвор од стандардите, пред сè, во светот на лампите и држачите за вино. Материјалите што се користат во градежништвото или при спроведување топлинска енергија, се мојата основа од која рачно креирам нешто што треба да им го подобри домашниот амбиент на луѓето што се во потрага по несекојдневното. Деталите што нè опкружуваат во домот се само одраз на самите нас и нашиот карактер, вели Бојан.

Бојан Марковиќ
Бојан Марковиќ, сопственик на „1325 КРАФТ“ / Фото: Приватна архива

Тој вели дека идејата започнала како партнерство, кое подоцна продолжило самостојно во која се вложува максимално.

– Моментот кога ќе почувствувате дека некој искрено се радува на вашата сопствена досетливост и е спремен да одвои дури и финансии за неа, е моментот кога разбирате дека идеите што ги поседувате не се залудно во вашата глава туку со нив придонесувате за нечија среќа и поубав ден. Тоа е „цветот“ во кој наоѓате надеж и кој заслужува да го полевате и да се грижите за него секојдневно, неуморно.

1325 КРАФТ
„1325 КРАФТ“ / Фото: Приватна архива

Несомнено, секој почеток носи свој предизвик и препреки, кои не може секој да ги премине. Тој ни го раскажа неговото лично искуство со овој бизнис, како стигнал до таму каде што е денес.

– Интересно е прашањето затоа што звучи како сè да е надминато, а впрочем она што постојано води напред е самокритичноста и желбата за постојано подобрување во сите области. Тоа е единствената формула – кратка, но тешка еден тон. Кога започнувате сопствен бизнис не е само производот, тоа е цел еден процес – место, добра идеја, тестирања, обиди до совршена реализација, пронаоѓање соодветна амбалажа, пласман итн. А средствата се секогаш ограничени… Но, верувајте, предизвикот е она што вистински исполнува. Не смее да се заборави дека од ништо создавате резултат, еве достоен за некој понатака да го инспирирате со сопствените замисли.

1325 КРАФТ
„1325 КРАФТ“ / Фото: Приватна архива

Со Бојан поразговаравме и за грижите или стравовите што можеби тогаш биле големи, а од денешна перспектива би се класифицирале како „непотребни“.

– Грижи и стравови непотребни можеби и нема бидејќи сепак станува збор за бизнис што троши и време и ограничени средства што во превод значи задолжително зголемена доза внимание, но она кое е навистина битно е брзината и начинот на кој ќе се организирате и ќе ги надминете. Особено пресекот кај сите е онаму кога ќе почнат сомнежите дали сте на вистинскиот пат, опортунитетни трошоци се јавуваат многу, но големиот успех бара и многу трпение. Секој бизнис има ниво на ризик, но ако сами не верувате и не ризикувате за сопствената идеја, како би сакале некој друг да дојде и да потроши пари за неа?

1325 КРАФТ
„1325 КРАФТ“ / Фото: Приватна архива

Сигурно има и работи што многумина ги занемаруваат на почетокот, а подоцна се покажале како особено важни. Марковиќ вели дека во неговиот случај тоа било поголемата набавка на бакарот кој „сега е значително поскап“.

– Следно за „1325 КРАФТ“ е менување во поголема брзина. Септември наближува, а е многу динамичен. Публиката полека се враќа во сопствените домови и треба да се изведе сериозна „претстава“ што ќе им се допадне уште повеќе од претходната. Брендот постојано бара надоградба. Тоа значи дека покрај постојаните нарачки, треба да излезат нови производи, нови соработки, планирани се изложби и презентации, секако доколку сè биде во најдобар ред, и она што е навистина најголем предизвик, фаќање сериозен приклучок со странскиот пазар и пласман на уште еден македонски бренд низ домовите во целиот свет.

1325 КРАФТ
„1325 КРАФТ“ / Фото: Приватна архива

Го прашавме и што би му порачал на секој што се колеба да започне свој бизнис.

– Нерешителноста на крајот е само наметка под која се крие непродуктивно потрошено време. Јас наместо животен мир постојано грицкан од нереализирани идеи ден за ден, одбрав немир што долгорочно ќе ми создава жубор и уживање во сопствената кожа. Доколку верувате во сопствениот производ и тоа е она со кое сметате дека би биле најпродуктивни и најсреќни, засукајте ги ракавите, хранете се постојано со убава енергија и направете од бизнисот едно незаборавно животно искуство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот