Локални избори – „сламка за спас“ на партиите

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Се разбира дека предизборната кампања за локалните избори е во полн ек, многу недели пред нејзиниот официјален, законски почеток. Во тоа учествуваат сите партии од опозицијата и власта, како и независните кандидати, што атмосферата во јавноста ја прави изборно наелектризирана по веќе видените теркови на општо напаѓање на секој против секого, често и на теми кои немаат врска со локалниот живот на населението. На тоа веќе одамна навикнавме.

Но, она што е ново за овие локални избори се предизборните меѓуетнички коалиции, катастрофално малиот број на жени-кандидати за градоначалничките (а и за советничките) функции и релативно поголемиот број на независни советнички листи и градоначалнички кандидати, поддржани и неподдржани од поголемите партиски формации во земјава.

Овој микс од демократски прогрес и регрес говори за кризата во довербата кај јавноста кон постоечките, етаблирани партии, нивните понуди и самите општински и државни лидерства. На пример, бројот на лекари-кандидати на партиските листи (најголем број на мажи, притоа) е една илустрација за тоа „фаќање за (кандидатска) сламка“ кај партиите, бидејќи директно се апелира на емпатијата на гласачите и нивниот емотивен капацитет: лекарската професија веројатно е една од оние кои имаат најмалку врска со комуналните проблеми на локалните заедници, ДУП-овите и противпожарните единици по општините, а најмногу врска со “стравопочитта“ кон белите мантили во време на здравствена криза. (Друго прашање е што ги тера луѓето кои вложуваат десетина години во стекнувањето на својата лекарска експертиза, а потоа и уште многу години на нејзиното специјалистичко, практично усовршување, да се понудат да решаваат проблеми со катност на градби, паркинзи, јавен превоз, затнати канализации и павер-елементи?! Можеби феноменот на „градежни маркички“ да има некаква врска со тие амбиции…)

Во контекстот на таа партиска несигурност е и „поплавата“ од мажи по кандидатските листи, тоа „бегање“ кон маскулинистичкиот модел на нашата културна матрица, таа овдешна преференција за „постигања, хеоризам, наметнување и материјалните награди за успехот“ (Хофштеде), наспроти „женските“ принципи за „соработка, скромност, грижа за послабите и за квалитетот на животот“ (истиот тој Хофштеде). Има врска тоа и со она што во социологијата се нарекува „општествена дистанца кон моќта“ и индивидуалистичкиот наспроти колективистичкиот дух на нацијата. Ја пропуштаме шансата со кандидатските листи на овие локални избори да се „мрднеме“ од тој наш балкански и јужноевроспки менталитет – освен ако гласачите не решат директно да интервенираат на самите избори, па да ги изгласаат сите жени кандидирани за функциите! Којзнае…

Предизборните коалиции се посебна приказна и, навистина, тие во оваа фаза се повеќе резултат на локална математика, на „политичкиот опортунитет“ (Петар Арсовски), отколку на искрената потреба за идеолошка меѓуетничка соработка. Но, и тоа е напредок во вистинска насока на мултиетничкиот демократски модел што го развива Македонија, уникатно, на Балканот. Идејата за „Едно општество за сите“, колку и да се избанализира и „испартизира“ од нејзината првична промоција до начинот на којшто се спроведува денеска, ја постигна барем таа цел да биде вклучена (со различни „тумбања“ и перверзии) кај сите мејнстрим партии. Впрочем, барем досега, видно сме „поштедени“ од меѓуетнички препукувања во партиските реторики на овие локални избори, што е постигнување само за себе!

Конечно, незвисните листи/кандидати – квалитетот на тие предлози се „засенува“ од еден број на „селебрити“, шарлатани и локални „фаци“ што пројавуваат амбиција (или некаква своја „математика“) за трчање во изборната кампања. И тој феномен е карактеристика на напредокот на демократијата, па ќе биде интересно, постизборно, да се анализираат резултатите на тој директен демократски „експеримент“. Од него ќе можат да се извлечат и поуки за евентуалната промена на изборниот модел во Македонија („отворени“ листи итн.), бидејќи изборот на „нови“, „независни“ и кандидати-„аматери“ на функции не е, неопходно, гаранција за нивниот општествено-политички квалитет за управување со јавните интереси (не знам зошто, Бугаринот Слави Трифонов ми паѓа на ум), но е гаранција за здодеаноста од општествено-политичкиот квалитет на постоечката партиска кадровска понуда.

Тоа е демократијата: една бескрајна низа на одлуки за чии последици се надеваш дека ќе имаш можност да ги поправиш на следните слободни избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот