Локални избори: Скопје е огледало на загубената доверба во власта

Петре Шилегов и Данела Арсовска / Фото: МИА, колаж

Социјалдемократскиот сојуз е убедливо поразен во Скопје, иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема зголемен број гласови во споредба со изборите во 2017 година, покажуваат резултатите од првиот изборен круг на локалните избори. Слични се бројките и по скопските општини, каде што поддршката за СДСМ во споредба со 2017-та е речиси преполовена.

Неизлегување на гласачките места и 50-ина илјади изгубени гласови што заминаа кај  кандидатите на другите политички опции, најдобро ја отсликуваат загубената доверба на гласачкото тело во владејачката партија за изминативе четири години на локално ниво.

Цело Скопје, сепак, не е вмровски град

Во битката за фотелјата на градоначалник на Град Скопје, во која по вторпат влезе актуелниот „градски татко“ Петре Шилегов, наспроти до неодамна анонимната Данела Арсовска, независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, од контото на СДСМ „исчезнаа“ дури 63.017 гласа, односно од 141.164 освоени гласа во 2017 година за Шилегов, во неделата својот глас за него го дадоа само 78.226 граѓани.

Од друга страна, пак, Арсовска доби 86.147 гласа, безмалку осум илјади повеќе од својот противкандидат. Сепак, оваа бројка на добиени гласови за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ е за 15.325 помала од онаа која во 2017 година ја доби тогашниот противкандидат на Петре Шилегов, Коце Трајановски. Трајановски тогаш загуби од Шилегов со респектабилни 101.472 гласа на скопјани.

Оваа разлика во поддршката за кандидатот на опозициската партија во главниот град би можела да значи и дека скандирањето на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ пред седиштето на партијата, вечерта по изборите, „цело Скопје вмровски град“, е повеќе еуфорија одошто реалност. Таа покажува дека довербата на гласачите во ВМРО-ДПМНЕ, и покрај потребата СДСМ да биде казнето за своето владеење на локално и на централно ниво, сѐ уште не е докрај вратена.

Муслиу: Гласачите се сѐ поразочарани

Еден значителен дел од гласовите за градоначалник на Скопје, повеќе од 40 илјади, отидоа кај кандидатите на другите политички опции, пред сѐ кај Левица, чијшто кандидат Перо Георгиевски освои 20.430 гласа, како и кај независната кандидатка Ана Петровска, поддржана од граѓанската иницијатива Зелен хуман град, која освои 9.776 гласови. Арбен Шаќири, поддржан од ЛДП/ДОМ, доби солидни 8.870 гласа.

Апстиненцијата на голем број гласачи, исто така, влијаеше врз конечните бројки во дуелот за Скопје.

Сите партии овој пат излегоа без иритирачки теми, немаше националистички испади и мајки-шајки, ограничувајќи се повеќе на локални и зелени проблематики, не генерирајќи големи емоции кај гласачите, што се одрази и на излезноста и на гласовите, вели аналитичарот Алберт Муслиу, коментирајќи ги изборните резултати за Скопје.

– Граѓаните сè повеќе се разочаруваат од политиката и сѐ почесто се одлучуваат да апстинираат – смета Муслиу.

Тој додава дека во иднина може да се очекува граѓаните сè почесто да се определуваат за кандидати каква што е Петровска, која околу себе успешно создаде аура на доследен борец за животната средина.

СДСМ ја загуби довербата и по општини

Изборните резултати во седум скопски општини, каде што најжесток беше дуелот помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници, убедливо покажува во колкава мера е загубена поддршката за владејачката партија кај гласачите. Во Општина Бутел, Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ освои 9.012 гласа наспроти досегашниот градоначалник Велимир Смилевски, кој освои само 6.831 глас, безмалку половина од поддршката во 2017 година (10.063 гласа). Опозицискиот кандидат Тимчо Муцунски го освои Аеродром со 18.844 гласа, наспроти Александар Филиповски од СДСМ со 8.950 гласа. Во оваа општина ВМРО-ДПМНЕ има стабилна поддршка (и пред четири години имаше 18.707 гласа), но СДСМ ги стопи освоените 22.559 гласа за повеќе од 13 илјади. Во Гази Баба актуелниот градоначалник Борис Георгиевски од СДСМ во 2017-та освои 17.591 глас, а во неделата доби само 8.804. Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и во 2017 и во 2021 година имаа приближно ист број – 16.522, односно 17.900 гласа. Кандидатот на СДСМ во Кисела Вода, Филип Темелковски, на претходните локални избори освои 17.154 гласа, а на актуелниве безмалку 10 илјади помалку – 7.691 глас. Кај ВМРО-ДПМНЕ ситуацијата е постабилна – Јохан Тарчуловски во 2017-та имаше 15.479 гласа, а Орце Ѓорѓиевски, актуелниот претставник на партијата, во неделата доби 14.691 гласа.

Речиси двојно помалку гласови за СДСМ отидоа и во Центар. Саша Богдановиќ во 2017-та освои 17.916, а Горан Герасимовски пред три дена само 9.026 гласа. ВМРО-ДПМНЕ незначително загуби во поддршката во однос на 2017-та: тогаш освои 8.094 наспроти сегашните 7.462 гласа. Во Карпош поддршката за СДСМ од 21.278 гласа колку што во 2017 година освои Стефан Богоев, сега се стопи на 9.311 глас колку што доби Душко Весковски. Во оваа општина, во дуелот меѓу двете партии се вмеша и ексградоначалникот Стевче Јакимовски. Тој на овие избори освои 6.841 глас како кандидат на ГРОМ, а во 2017 година како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ освои 13.607 гласа. На актуелниве избори Оливер Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ ги подели гласовите со Јакимовски, освојувајќи 6.560 гласа. Помала е поддршката за СДСМ и во Ѓорче Петров, каде што Александар Наумовски освои 6.597 гласа, за разлика од 2017-та кога имаше 13.155. Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во двата изборни циклуса освојуваа сличен број гласови – 10.481 пред четири години и 9.779 на овие избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот