Локални избори 2021: Кандидатите си го кажаа своето, на ред се гласачите

Фото: Слободен печат

В недела ќе се одржи првиот круг од седмите локални избори од независноста на државата. Првите се одржани во 1996 година, а последните во 2017 година. Мандатот на градоначалниците и на советниците во општините трае четири години.

Право на глас на овие избори имаат 1.824.864 лица, а за првпат ќе се користи опрема за идентификување на отпечатоци од прсти на гласачите. Своето право на глас денеска (сабота) можат да го остварат лицата во казнено-поправните установи, внатрешнораселените лица, како и лицата со попреченост и болните лица. ДИК информираше дека се формирани специјални избирачки одбори во општините каде што се пријавени поголем број заразени или лица во изолација поради ковид-19.

За осумдесетте градоначалнички позиции, како и за градоначалник на Град Скопје, ќе се натпреваруваат вкупно 303 кандидати, кои се предложени од коалиции, партии и од група избирачи, како и 567 листи за советници во општинските одбори и во одборот на Град Скопје.

Од пријавените кандидати 56,13 отсто се мажи, а 43,87 отсто се жени. Од сите кандидати за градоначалник 26 се независни, или 8,75 проценти, и тоа во вкупно 18 општини и во Градот Скопје. Најмногу независни кандидати (25 отсто) имало на изборите во 2005 година, а најмалку (7,5 отсто) во 1996 година. Поднесени се и 63 независни листи за совети на 40 општини и за Град Скопје, што е во рамките на просекот во однос на претходните изборни циклуси.  

Вкупно 1.045 локални и странски набљудувачи и преведувачи се акредитирани за овие локални избори. Според ДИК, изборите ќе ги следат 714 локални набљудувачи. Акредитирани се 512 набљудувачи на Здружението на граѓани „Аксиос 2017 – Скопје“, 190 на Здружението ЦИВИЛ и 12 набљудувачи на Институтот за економска стратегија и меѓународни односи Охрид-Скопје. Од ДИК исто така информираат дека се акредитирани 219 странски набљудувачи и 40 преведувачи.

Изборите се одржуваат во два круга. Во вториот круг влегуваат двата првопласирани кандидати. Победник уште во првиот круг се смета кандидатот што освоил 51 отсто од гласачите што гласале. Вториот круг од изборите е закажан за две недели, на 31 октомври, а кампањата за вториот круг завршува на 29 октомври.

Даштевски: ДИК е максимално подготвена

Државната изборна комисија уверува дека има капацитет брзо да реагира при изборни нерегуларности. Секаде каде што ќе се утврди повреда на гласачкото право, изборите ќе бидат поништени – изјави претседателот на ДИК Александар Даштевски за „Утрински брифинг“.

– За техничката поддршка ќе се грижат 320 лица во ИТ-секторот. Ангажирана е и странска компанија да интервенира при хакерски напади какви што се случија минатата година. Доаѓа ОБСЕ од Литванија и од Босна и Херцеговина, а ќе бидат присутни повеќе од 1.000 набљудувачи на овие избори. ДИК почнува со силно темпо уште отсега, но главното допрва доаѓа – рече Даштевски.

Пријавете нерегуларности кај Народниот правобранител

Секоја нерегуларност или кршење на гласачко право може и треба да бидат пријавени кај Народниот правобранител. За таа цел е отворена и бесплатна телефонска линија 0800 5432 на која граѓаните можат да пријават.

– Избирачкото право е едно од темелните вредности на уставното уредување на државата, а Народниот правобранител е институција што се грижи за заштита на ова право во секое демократско општество – изјави народниот правобранител Насер Зибери за „Утрински брифинг“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот