Локални избори 2021: Како никогаш досега – дури 12 кандидати ветуваат подобро Скопје!

Грб на Град Скопје во салата на Советот на градот | Фото: Град Скопје, 2017 година

Со најголем број кандидатури за градоначалник досега – 12, задутре ќе се одржат локалните избори во Скопје. До Државната изборна комисија се поднесени и 15 советнички листи. Правници, музичари, архитекти, поранешен пратеник, економисти, екологисти, професори, лекари се меѓу кандидатите, не само во борбата за градоначалничкото место, туку и за место во Советот на Град Скопје.

Довербата на скопјани ја бараат актуелниот градоначалник, правникот Петре Шилегов, кој е кандидат на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, предводена од СДСМ, која ќе има поддршка од ДУИ, ДПА и Беса; музичарот Петар Георгиевски – Камиказа, кој е поддржан од Левица; претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз Мунир Колашинац; потоа Славе Несторовски од ТМРО; експратеникот Љубомир Јосифовски, кој е поддржан од партијата Демократи; Горан Арсовски e кандидатот на Комунистичката партија на Македонија; Владимир Трајковски – на партијата Родина; а хирургот д-р Тодор Ношпал – на Интегра. Уште еден адвокат, Александар Тортевски, ќе се бори за градоначалник како претставник на „Твоја партија“, а вториот меѓу музичарите кандидати е Бени Шаќири, кого го кандидира коалицијата „Движење одлучно за промени“.

За градоначалничката фотелја во Град Скопје ќе се борат и две жени. Претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска, дипломиран правник и магистер по економија, е поддржана од група граѓани и од најголемата опозициска ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“ и од Алијанса на Албанците-Алтернатива. Архитектката Ана Петровска, поранешна директорка на Државниот инспекторат за животна средина, е кандидатка на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.

Меѓу 15-те кандидатски листи за советници за Советот на Град Скопје ги издвојуваме носителите на неколку партии и коалиции. Листата на СДСМ и на коалицијата ја предводи Софија Пејкова, Трајко Славески е фаворитот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Ардијан Муча – на ДУИ, Неџмедин Коџа – на ДПА, додека носител на листата на Алијанса за Албанците и Алтернатива е Кадри Хаџихамза.

Другите носители на советничките листи се: Реџеп Исмаил на Левица, Бедро Хот од Бошњачкиот демократски сојуз, Александар Шехтански од ТМРО, Љубомир Крстевски е носител на листата на Демократи, д-р Никола Пановски – на листата на коалицијата „Движење одлучно за промени“, листата на „Зелен хуман град“ ја предводи Драгана Велковска, Агим Јонуз – на „Твоја“, Томче Ширков – на партијата „Родина“, а Стојан Блажевски – на Интегра.

Шилегов ветува најголема пешачка зона во Европа

Шилегов на претходните избори победи во првиот круг, благодарејќи и на гласовите на Албанците кои овој пат се расцепкани, затоа што опозициската Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе ја подржи независната кандидатка Арсовска.

– Пред четири години победивме заедно за да го смениме погрешниот курс во кој се движеше градот, предводен од ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш успеавме заедно, сплотени зад идејата дека Скопје заслужува и може подобро. Денес повторно испраќаме порака дека Скопје го заслужува најдоброто, вели актуелниот градоначалник и кандидат.

Тој најави целосно решавање на сообраќајниот хаос во градот, изградба на подземен булевар кој ќе завршува со модерен кружен тек кај „Нова Македонија“, завршувањето на булеварот „Словенија“, изградба на најголемата пешачка зона во Европа – од Собранието до „Палома Бјанка“ и од Старата железничка станица до Бит-пазар, а и новиот забавен парк ќе биде најдобар во Европа, ветува Шилегов.

Арсовска: Еко Скопје, со рамномерен развој и силна администрација

Независната кандидатка Данела Арсовска ветува „Еко Скопје“ со рамномерен развој, со силна администрација и со регионален центар на културата.

– Мојата визија се брзи и сигурни решенија. Проектите „15 + 1“ треба брзо и ефикасно да го сменат начинот на живот на скопјани. Стратешките проекти се бесплатен јавен превоз и 250 нови еколошки автобуси, како еко-алтернатива за автомобилите, за да се намали загадувањето и  сообраќајниот метеж – ветува Арсовска.

Доколку победи, таа ќе изготви програма за сите заборавени населби.

– Администрацијата во градот Скопје и јавните претпријатија уште првиот ден ќе добијат налог да ги утврдат сите конкретни проблеми, слабости и недостатоци и за нив да предложат решенија. Неприфатливо е во 21 век скопјани да ги немаат основните услови за живот, какви што се канализација, вода, асфалт, автобуски превоз – смета Арсовска.

Петровска се залага за нов ГУП, Георгиевски – за довршување на почнатото

Сега сме на пресвртница дали ќе продолжи бетонизацијата на Скопје или ќе изработиме генерален урбанистички план по мера на луѓето, вели Ана Петровска, која е поддржана од „Зелен хуман град“.

– Прво што треба да се направи е – зелениот катастар, кој е готов во одредена фаза, но не го покрива целиот град. Вториот концепт за кој се залагам е функционирањето на соседствата, односно покрај домот да има пазар, амбуланта, културен дом, училиште, градинка… за да се намали потребата од патување – смета Петровска.

Кандидатот за градоначалник на Скопје, поддржан од Левица, Петар Георгиевски – Камиказа, изјави дека доколку победи, ќе ги заврши сите започнати проекти.

– Нема да уриваме и да фрламе пари за џабе. Шилегов ниту урна ниту нешто направи, туку на крајот на мандатот урива брод колку да фрли магла во очите на граѓаните – рече Георгиевски.

Шаќири и Тортевски ќе се борат против хаосот во урбанизмот

Бени Шакири од коалицијата „Одлучно за промени“ смета дека во идниот генерален урбанистички план на Градот треба да се утврдат локациите на сите јавни објекти.

– Треба да знаеме точно каде имаме музеи, градинки, училишта, театри, амбуланти, а не како ќе им текне да ги пренаменуваат зелените површини заради личен профит, а на штета на граѓаните. Ќе се залагам плановите да ги изработуваат стручни лица, а влијанието на градежната мафија под итно ќе престане. Скопје треба да биде, урбан, модерен, регулиран град. Не можеме сите да се напикаме во центарот на градот – рече Шаќири.

Според Александар Тортевски од „Твоја“, урбанистичкото планирање е најголем извор на криминал, зашто планерите се поврзани со инвеститорите.

– Има случаи каде што изработка на ДУП е наплатен едно евро по хектар, затоа што планерот е договорен со потенцијален инвеститор, кој ќе му даде неколку станови откако ќе ја заврши зградата. Во центарот на Скопје исклучително скапо земјиште е продадено по едно евро за квадрат заради дооформување парцела на која подоцна никнува огромна зграда – вели Тортевски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот