Локализиран е пожарот во фабриката за леб и бели печива „Жито Битола“

Фото: ТВ Телма/Јутјуб/принтскрин

Локализиран е пожарот кој избувна во неделата попладне во фабриката за леб и бели печива „Жито Битола“. Екипи на битолската противпожарна единица се уште се присутни на местото на пожарот, а противпожарни и полициски иследници веќе започнале постапка за утврдување на причината поради која пламна пожар во фабриката и „претеше“ да се прошири.

Горан Димкоски, командиротот на противпожарната единица во Битола изјави дека пожарот е ставен под контрола и со интервенцијата е спречено да бидат зафатени околните објекти, како што се силосите со жито. Потврдено е дека нема повредени од пожарот, а материјалната штета во моментов засега не може да се утврди.

Фабриката за леб „Жито Битола“ е од времето на социјализмот, а сега со објектите стопанисува „Ангро механизација – Жито Битола” која тука има пекара, млин и силос.

Во моментот на избувнување на пожарот во поранешната фабрика „Жито Битола“ внатре имало двајца работници кои навреме излегле, изјави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Огнот избувнал на кровната конструкција.

– Објектот е пекара, млин и силос. Тој е дел од старата индустриска зона, се работи на тоа да се локализира во границите. Во објектот имале дваца кои го напуштиле објектот, засега нема информација за повредени – рече Тони Коњановски, градоначалник на Битола.

Премиерот Димитар Ковачевски објави на Фејсбук дека телефонски разговарал со градоначалникот на Битола, Коњановски, за да се информира за состојбата со пожарот во фабриката „Жито Битола“.

„Телефонски разговарав со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски за да се информирам за состојбата со пожарот во фабриката „Жито Битола“. Министерот Спасовски и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов се во постојана комуникација со општината, а екипите на МВР навремено пружија поддршка за локализирање на пожарот. Благовремената и координирана реакција го спречи ширењето на пожарот и предизвикување на поголема штета“, објави премиерот Ковачевски.

Претходно од општина Битола соопштија дека пожарот кој избувна попладнево во 17.20 часот во објектот „Жито Битола“, а во 20 часот е ставен под контрола.

Изработил: Елисавета Бејкова

Во гаснењето на пожарот во објектот „Жито Битола“, беа вклучени 29 пожарникари со 9 противпожарни возила, а на барање на градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, беше помогнато и со две возила за дотур на вода од ЈП Водовод и РЕК Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот