УТРИНСКИ БРИФИНГ | Дувњак: Логично е Камчев со сите средства да го напаѓа обвинителството – го чека и „Империја“

Гордана Дувњак / Утрински брифинг
Секој четврток во рамките на Утрински брифинг гостин-коментатор на состојбите во судството ќе биде колешката Гордана Дувњак, која е голем познавач на приликите во судството во Македонија.

Сега веќе завршија судските ферии и полека во судниците се враќаат судските предмети, а приоритет секако имаат т.н. притворски предмети. Од нив за јавноста се наинтересни предметите кои ги покрена СЈО. Најизвиканиот од притворските предмети е случајот Плацови на Водно во кој обвинет е најбогатиот Македонец, Орце Камчев, кој веќе седум месеци се наоѓа во притвор.

Предметот се заснова врз документи. Претпоставувам дека е поврзан со предметот Империја, кој веќе три години е заглавен, и дека тоа е причината што Камчев сѐ уште останува во притвор. Но, треба да се има предвид дека притворот не е казна, туку мерка на обезбедување, вели Дувњак за Утрински брифинг.

Таа сепак додава дека Орце Кмчев има лоша позадина бидејќи во 2005 година беше обвинет за даночно затајување, а во таа пригода тој ја одбегна правдата заминувајќи во Бугарија за подоцна да се врати и по еден ден поминат во притвор и исплаќање на сумата за која беше обвинет да биде пуштен.

Сега Камчев нуди 1,8 милиони евра како обезбедување за да биде пуштен во домашен притвор. Но, тоа обвинителката Лиле Стефанова не го прифаќа. Веројатно е во прашање личен анимозитет, со оглед дека проценетата штета е 1,5 милиони евра. Но, исто така АНБ има информации дека Камчев сакал да побегне, така што тешко е да се донесе проценка, вели Дувњак.

Таа додава дека сепак судот е оној кој одлучува за мерката притвор и за прифаќање на обезбедувањата, а Обвинителството само дава свое мислење кое може но и не мора да биде прифатено. Дувњак вели дека она за што се зборува во судските кулоари е дека проблематично е што обезбедувањето на Камчев е т.н. „нечист имот“ односно имот оптоварен со хипотеки.

Дувњак ја коментираше оставката на судијата Владимир Туфегџиќ од аспект на функционалноста на Судскиот совет и реформите во судството.

Судијата Туфегџиќ претпоставувам дека оставката ја дал поради разочарување. Секој сака да напредува. Тој учествуваше на низа конкурси за повисоки судиски позиции, но секогаш ги добиваа други. Разочарување е кога некој кој има полоши оценки од вас да избие на прво место пред Судскиот совет за некоја позиција, вели Дувњак за Утрински брифинг.

Таа го коментираше и вчерашниот дијалог за јавни политики „Имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година со Акциски план – до каде сме и што понатаму“, што се одржа во организација на Институтот за европска политика.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ рече дека имаме напредок во судството, дека повеќе нема надворешни влијанија. Но, да не се лажеме, тоа не е така. Не е така дури ни во поголеми демократии како во Англија или САД, вели Дувњак за Утрински брифинг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот