Логар: Западниот Балкан е важно прашање за претстојното претседателство на Словенија со ЕУ

Западниот Балкан е многу важно прашање за претстојното претседателство на Словенија со ЕУ. Сакаме прашањето за земјите од Западен Балкан да го внесеме на врвот на дневниот ред во ЕУ, рече министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар на заедничката прес-конференција со шефовите на дипломатиите на Северна Македонија, Австрија и Чешка, Бујар Османи, Александер Шаленберг и Јакуб Кулханек.

– Ви честитам за работата што ја завршивте во последните години за да ги исполните сите барања на условите на Европската Унија, сега е ред на ЕУ да испорача, истакна Логар.

Тој посочи дека денеска во својство на претставници од неформалната група земји – членки на ЕУ „Ц5″, се тука да ја презентираат дискусијата од Советот за надворешни работи и да дознаат за напредокот на земјата што е постигнат со соседна Бугарија.

-Словенија секогаш вложува многу напори во остварувањето дијалог и знаеме дека со добар дијалог можеме да ги постигнеме резултатите што сакаме да ги постигнеме и сакаме да ве поттикнеме да продолжите по тој пат. Гледаме многу позитивни подобрувања, што беа презентирани денеска и исто така задволство ни е што претседателите на Северна Македонија и Бугарија заедно ќе отпатуваат в среда  во Рим, потенцира Логар.

Тој истакна дека посетата на Рим е одлична можност да се дискутира за прашањето, а во меѓувреме, тој посочи дека министрите за надворешни работи ќе направат се што можат да и помогнат на Северна Македонија и нејзиниот пат кон ЕУ, како и започнување на Меѓувладина конференција.

-Западниот Балкан е многу важно прашање за претстојното претседателство на Словенија со ЕУ. Следниот месец ќе го преземеме Советот на ЕУ и клучното прашање на неформални и највисоки можни политички дискусии ќе биде Самитот за Западен Балкан, па така сакаме прашањето за земјите од Западен Балкан да го внесеме на врвот на дневниот ред во ЕУ. Како што кажав тоа е од стратешко значење за ЕУ, не само за оваа земја туку и за регионот и сакаме да ја замениме политиката од решавање проблеми со наоѓање решенија, додаде словенечкиот министер за надворешни работи.

Тој заклучи дека местото на земјите од Западен Балкан е во Западниот Балкан, а доколку е тоа така треба да се најде пат како да се оствари тоа, односно како да се зголеми и подобри реофрмскиот процес и како да се убедат граѓаните да ги прифатат реформите, како да ги остварат, со цел да се приближат кон ЕУ.

На прашањето околу организацијата на неформалниот Самит за Западен Балкан, Логар истакна дека секоја земја која претседава со ЕУ има можност да даде регионален привкус на сопственото претседателство.

-Слушајќи ги гласовите во Европската Унија за важноста на земјите од Западен Балкан, за долговечноста на ЕУ и развојот на безбедносните прашања поврзани со овој регион одлучивме да формираме неформален Самит за Западен Балкан. Сакаме конкретна дискусија, а не само да говориме за подобрувњаата на реформскиот процес во секоја земја од  Западниот Балкан. Како што посочив и претходно потребно е да дискутираме како можеме сите да го заземеме тој став за важноста на регионот за ЕУ, истакна министерот во своето обраќање.

Тој додаде дека сакаат неколку конкретни предлози за овие прашања на неформалниот Самит од другите министри, во друг форма што ќе бидат поврзани со логистика, зелена транзиција, дигитализација.

Логар посочи дека ако се согласат и другите колеги, потребно е да се организираат редовни Самити меѓу Европската Унија и Западниот Балкан, како што се самитите со источното партнерство. Самитите, како што истакна Логар ќе се одвиваат на највисоко политичко ниво, а ќе се дискутира за напредокот на регионот бидејќи се свесни за важноста на вклучување на регионот во Европската Унија.

-Имаше и неколку конкретни предлози да бидете вклучени во шаблонот за роаминг на ЕУ, за да имате конкретни придобивки. Исто така, сакаме да зборуваме и за иднината на Европа, знаеме за таа разлика дека нашето словенечко претседателство со ЕУ ќе преземе поголем дел за дискусијата на Европа. Би сакале да ги вклучиме и вашите граѓани, со цел да ги слушнеме нивните мислења во рамки на европските институции, посочи тој.

Министерот Логар во одговор на новинарското прашање поврзано со претседателството на Словенија од 2008 година, кога тогашниот министер ја имаше истата агенда за Западниот Балкан и проширувањето посочи дека постојат моменти и настани во политиката кога треба нешто да се направи, а денешната презентација и посета е со цел да се докаже дека тоа може да биде сторено

-Понекогаш е подобро да не се зборува, да не ја заоструваме дебатата туку да го олесниме проблемот. Ја имате целосната поддршка од португалското претседателство и добив чесен збор од другите колеги дека ќе го поддржат и словенечкото претседателство во таа насока, а ние ќе сториме се што можеме да му помогнеме на португалското претседателство да продолжи да им помага на Северна Македонија и Бугарија да го решаваат ова прашање, додаде Логар.

Заклучи дека непотребна е политичка дебата, бидејќи станува збор за клучно прашање од национален интерес. Како што посочи тој, кога се случуваат вакви работи, патот е долг, но важно е да се има јасна насока и упати порака на поддршка и поттик за решавање на прашањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот