Лобирање за преживување

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Во аферите за пари за лобирање на граница од дозволеното и недозволено постојано предничат конзервативците. Многу угледни и со титула сер. Во најновата, со лобирањето на сер Џереми Кокс, јавноста со месеци слушаше за нечистите работи во кои беа вмешани министрите во владата на Борис Џонсон.

Си седи така во канцеларијата и работи со полна пареа. Оние што го познаваат надвор од работата и му се наклонети, велат дека повреден и поработлив од него ретко се наоѓа. Дома го жалат и му велат да намали малку, ќе се разболи од толку работа. Ама оние на работа велат дека пропуштил неколку гласања, зашто наместо да слезе долу во салата и да се изјасни, останал да работи, ама на својот случај, што ќе рече-приватно. Платен од парламентот, ама платен и од оние другите што го плаќаат – приватно, да работи за нивните интереси. Што се вика лобирање. Лобирањето се дефинира како дејство во кое поединци, бизниси, синдикати, групи или добротворни друштва се обидуваат да влијаат врз владата да ја смени својата политика. На кој начин? Со кои средства? Е тука изгледа дека се појавија проблемите…

Пратениците се платени да ги застапуваат интересите на оние што ги избираат, не на оние што одбираат да ги избираат да ги застапуваат нивните интереси во бизнисот, велат едни, ама не е секогаш така. Од друга страна, сакаме ли ние пратеници професионалци кои немаат ниту еден работен ден и не се подружиле со луѓе, освен оние нивните, во нивната партија?

И канцелариски материјал

Да беше еден лобирач, ајде де, ќе се излезеше некако на крај со него, а можеби и ќе се забошотеше работата. Ама излезе дека ги има многу и дека не е сѐ баш најчисто. Пред некоја недела јавноста се забавуваше со скандалот со конзервативниот пратеник Овен Патерсон, кој во име на компаниите за кои хонорарно работи, повеќепати контактирал министерства на владата токму по прашања поврзани за – компаниите за кои хонорарно работи. Згора на сѐ, ја користел парламентарната канцеларија и канцеларискиот материјал за приватни цели и не пријавил конфликт на интереси.

Инаку,  забрането е да се земаат пари за да се отвораат прашања во парламентот или во владини министерства за бизнис цели. Ама Овен не е осамен, него го натфрли поранешниот јавен обвинител, а сегашен пратеник сер Џефри Кокс, кој лобираше за невоведување построги финансиски мерки против Кајманските Острови само неколку месеци откако доби финансиски надоместок од правна фирма на Кајманските Острови за да не се воведуваат построги финансиски мерки против, погодувате, Кајманските Острови. И најдобро од сѐ, за работа надвор од парламентот заработил 900.000 фунти. Кога велам надвор од парламентот, мислам буквално надвор од парламентот, сер Џефри најголем дел од годината работеше и поминуваше на – ајде од трипати… не од еднаш – на Кајманските Острови. Не во неговата канцеларија во парламентот, туку на Кајманските Острови, со тоа барем намалувајќи ги трошоците за канцелариски материјал и за струја, вода и други режиски трошоци поврзани со пратеничката парламентарна работа.

Добра плата, ама треба уште

Според регистарот од 2014 година, од 281 член на парламентот кои пријавиле дополнителни приходи, околу 180 би можеле да бидат класификувани како да имаат барем уште една работа. Некои, вредни и способни, можеби и повеќе?

Покрај платата, се разбира, која не е за потценување и во просек изнесува 81.932 фунти годишно, плус трошоци за сместување во и вон Лондон, надоместок за живот во Лондон, за одржување на канцеларијата и на тимот кој треба да му помага на пратеникот. Оние пратеници што станале министри добиваат и дополнителни суми. Така, на пример, пратеникот кој станал премиер – во случајот Борис Џонсон, добива плус 75.440 фунти, министер во влада – 67.505 а обичен министер – 31.680 фунти, како додаток на пратеничката плата.

Дали политичарите, односно членовите на парламентот треба да имаат и друга работа или нивната главна и основа треба да биде да ги застапуваат интересите на оние што ги избрале? Во 1955 година, комисијата за стандарди во јавниот живот под палката на лорд Нолан, утврди дека парламентот составен од професионални политичари нема најдобро да им служи на интересите на демократијата. Во парламентот треба да има членови со широк спектар искуства и со нивната експертиза за придонесат во работата на ова тело.

Пред само една генерација, многумина пратеници имаа втора, па и трета работа, покрај онаа за која беа избрани на избори. До реформата за работното време на пратениците во 1990 година, парламентарците почнуваа со работа во 14,30 попладне, што не само што има даваше време да поспијат сабајле, туку и да поработат нешто – некои  како адвокати, други како лекари, трети како новинари, а имаше дури и фудбалски судии, се разбира, тоа или во вечерните часови или за време на викендите.

А од осумдесеттите години на минатиот век наваму се разви другата, многу повносна можност за заработувачка – консултант во компанија за лобирање или во фирма за односи со јавноста. Парламентарците заработуваа пари објаснувајќи им ја парламентарната процедура на компаниите и советувајќи ги кои се изгледите одредени закони да бидат или да не бидат усвоени.

Во времето на конзервативниот премиер Џон Мејџор, изби аферата „кеш за прашања“ во која пратеници добиваа пари од компании да поставуваат пратенички прашања од интерес на приватни компании. Тогашниот сопственик на стоковната куќа „Хародс“ обелодени дека плаќал 2.000 фунти по прашање, весникот „Гардијан“ ја објави аферата, пратеникот Нил Хамилтон тужеше за клевета, се докажа дека лажел, го загуби спорот и – заврши во затвор.

Консултирање премиери

Пред некоја година јавноста се забавуваше со лобирањето на поранешниот премиер Дејвид Камерон, кому мејловите за сега веќе пропаднатата австралиска фирма-банка му беа обелоденети како сосема неприфатливи. Тој дури го притискаше и канцеларот Риши Сунак да влијае парите за плаќање на здравствените организации, наместо директно, да одат преку банката на пријателот, каде што тој е консултант, има акции и добива провизија. Штета што не се обелодени како Камерон лобираше кај поранешниот македонски премиер Никола Груевски за разни бизниси во државата и кои се личности, објекти и парцели беа вмешани во овие, велат главно матни зделки. Важно, хонорарите земени и важно, сите живи и – релативно здрави…

Главно, во аферите за пари за лобирање на граница од дозволеното и недозволено постојано предничат конзервативците. Многу угледни и со  титула сер. Оваа, најновата, со лобирањето на сер Џереми Кокс, како да беше сламката која го скрши грбот на камилата, зашто јавноста со месеци слушаше за нечистите работи во кои беа вмешани министрите во владата на Борис Џонсон. Како набавките на заштитната медицинска опрема без тендери или тендери за пријатели и први другари на министри, несовесно работење и зголемување трошоци при изградба на проекти финансирани од владата, а да не зборуваме за самиот премиер кој стана олицетворение на изреката „прави што ти велам да правиш, не прави што правам“. Односно, човек на кој веќе ниту харизмата, ниту шармот ниту чепкањето на русата коса не му помага да ги убеди „верниците“ дека ја зборува вистината.

Обидот да се одбрани неодбранливото и да се заташка одлуката за лобирањето доведе до пресврт – во моментот кога лабуристите држеа прес во кој бараа забрана за лобирање, владата на Борис Џонсон објави дека забранува пратениците да имаат втора работа. Не лобирање, ами втора работа. И нормално, револуција во парламентот. Дали парламентарците ќе преживеат? Дали нивните семејства ќе страдаат? Дали ќе има блокиран парламент? Дали ќе се одложи некој фудбалски натпревар? Бидете тука и ќе дознаете…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот