ЛЛ Кетеринг ќе донира храна во Пунктот за бездомници на Црвен крст на град Скопје

Пункт за бездомници во Момин Поток/Фото: Архива на СП

Започнувајќи од месец Април 2019 ЛЛ Кетеринг стана официјален партнер на Црвениот Крст на град Скопје за имплементација на Проект за донација наменет за поддршка и помош на бездомни лица.
Потпишаниот Договор за донација, е дел од општествено одговорните практики на компанијата за доброволна посветеност на континуиран придонес и унапредување на општествената заедница преку хуманитарни дејности кои ги помагаат социјално загрозените граѓани.

– Како наши сограѓани, овие лица како резултат на склоп на околности, се нашле во положба која секому од нас може да му се случи. Нашиот приклучок кон веќе воспоставената грижа за нив од страна на Црвениот Крст и неколку невладини здруженија, е со цел да ги збогатиме хуманите услови кои треба да ги почувствуваат овие граѓани, а кои се дел од нашето секојдневие – соопштуваат од компанијата.

Во рамките на Договорот за донација, ЛЛ Кетеринг во текот на една година, секоја среда од неделата ќе донира зготвена храна за бездомните лица во Пунктот за бездомници на Црвен Крст во Скопје. Целта на ова донација е да се придонесе во олеснување на одговорноста на Црвен Крст кон ова население и подобрување на условите за живот. Во рамки на донацијата ќе бидат вклучени и вработени во компанијата, како социјално одговорни граѓани, кои со различни активности ќе се потрудат да придонесат за најдобро имплементирање на овој проект со кој корисниците ќе почувствуваат дека сè повеќе чинители во општеството мислат на нив и се грижат за нивното добро.

Од Црвен Крст изразуваат благодарност на компанијата за хуманиот подвиг. Донацијата која ќе се изврши во континуитет ќе ги помогне нивните активности и ќе го подобри квалитетот на животот на ова ранливо население.

– Пунктот за бездомници во Момин Поток е отворен во 2008 година, и веќе 10 години функционира во текот на целата година. Toa е единственото место во главниот град каде бездомните лица добиваат услуги од доктор, социјален работник и психолог како и хигиенски и берберски услуги. Секој работен ден е отворен за консултација, додека капењето, менувањето на нечистата облека, добивање топол оброк, добивањето на медикаменти, прегледи кај доктор како и вадење на лична документација и ред други активности се реализираат два пати во неделата каде на дневна основа се услужуваат по 60 бездомници. Ја охрабруваме секоја иницијатива на вклучување од страна на поединци, соработници, институции преку која се зајакнува поддршката на ова категорија на лица, а се влијае на општествено одговорно однесување – велат од Црвениот Крст на град Скопје.

ЛЛ Кетеринг како компанија за индустриски и комерцијален кетеринг секојдневно во своето работење го практикува општествено одговорното однесување преку различни донации на оброк и други материјални добра со цел придонес во напорите за развој и благосостојба на луѓето во заедницата. Како директни корисници на хуманитарната помош на ЛЛ Кетеринг се неколку лица изложени на нехумани услови за живот како последици од материјалната немоќ за кои на редовна основа се обезбедуваат решенија за нивните дневни потреби.

Бездомништвото е тешко во секој аспект. Да го дадеме сите својот придонес во креирањето хумано општество и да го искористиме капацитетот за општествена солидарност така што ќе го препознаеме бездомништвото како проблем кој ги засега сите граѓани. Секој добронамерен и хуман гест е значаен, затоа што со него може да се ублажи барем некој од бројните предизвици со кои бездомните лица секојдневно се соочуваат живеејќи комплетно маргинализирани како резултат на екстремното сиромаштво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот