Лизинг за подлизурковци

Генерални директори на Фондот за здравство трошат „на чоколади кога народот нема за лек“ за да се возат во форд мондео титаниум. Гратис ВИП-возење во државниот возен лунапарк за незрели политичари со детска памет. Ах, тие мрачни предмети на желбата – скапите црни автомобили – купени со лизинг од партиски подлизурковци.

Во владина постапка веќе се влезени неколку уредби со кои ќе предложиме ограничување, односно систематизирање, намалување и ставање ред и дисциплина во користењето службени картички, службени коли и друг имот, односно средства со кои располагаат функционерите, најави првиот антикорупционер во Владата, Љупчо Николовски. Уште Љупчо зборот не дорече, Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) купи по еден автомобил за секој од двајцата директори – форд мондео титаниум од 41.300 евра. Двата чинат вкупно 82,6 илјади евра, a сè е по закон, зашто е испочитуван тендерот со критериум „најниска цена“. Ако се спореди со цената на аудито на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко – 67.000 евра, и не е толку скапо. Скромно, но сепак продолжува школата на почитувачи на мерцедес-мајбах, предводена од осуденикот во бегство Никола Груевски.

Партијата која ја освои власта, благодарејќи, меѓу другото, и на бомбата за мерцедесот од 600.000 евра (за кој, патем, беше ветено дека ќе се продава, а со тие пари требаше да се купат амбулантни возила) очигледно мисли дека доволно сторила што не троши како претходниците. Како изгледа тоа штедење, обелодени Центарот за граѓански комуникации, кој лани истражи дека само за три години биле купени 2.645 службени возила за функционери и раководители во админстрацијата. Владата, пак, пред три години, со четвртиот тендер за девет години, обезбеди 45 возила за свои потреби.

Иако здравствени експерти бараа заболените од ковид-19 да не плаќаат за ПЦР-тестови за време на пандемија, државата реши да штеди врз грбот на здравствените осигуреници. Така, во ФЗО останаа повеќе пари за партиски анонимуси од СДСМ и од ДУИ да трошат „на чоколади кога народот нема за лек“. Се пожалија од Фондот дека шкодите им се стари, од 2014 година, и морале да бидат заменети поради амортизираност. Жалбите на итните медицински служби, пак, не допираат до големците зад темните автомобилски стакла. За замена на нивните возила, просечно стари по 11 години, најчесто се чека донација од странство. А колку што директорските шкоди октавии од ФЗО поминале за седум години – 300.000 километри, амбулантните возила набиваат километража можеби и за две до три години, носејќи нон-стоп пациенти, локално или до клиниките во Скопје. Додека се тие на вечен ремонт, крпењето на шкодите чинело скапо. Како Фондот што зина за лимузина да не троши од иста каса!

Коалициските партнери продолжуваат да го трошат кредитот на довербата кај гласачите, на кои им ветија дека ќе запре луксузирањето на државна сметка. Пандемијата објективно предизвика економска криза и бара соодветен одговор во намалување на буџетски трошоци, но не преку штедење на ПЦР-тестови, туку со скротување аздисани моќници од државни институции и локални јавни претпријатија. Оние чии црни возила до скоро беа непрописно паркирани на Кејот на Вардар, во центарот на Скопје, со мотор што работи за да се грее или да се лади автомобилот додека шоферот го чека шефот да се допие во кафеана. Гратис ВИП-возење во државниот возен лунапарк за незрели политичари со детска памет. Ах, тие мрачни предмети на желбата – скапите црни автомобили – купени со лизинг од партиски подлизурковци.

Расфрлањето со јавни пари може и да се удвои со новововедениот принцип „еден за СДСМ, еден за ДУИ“. Којзнае дали ќе знаевме дека Фондот за здравство има двајца директори да не беше објавено дека си купуваат два форда. Значи ли тоа дека отсега во сите државни органи и јавни претпријатија ќе има по двајца директори? Толку ли сме богати за да се плаќаат двојно вообичаените промени на автомобили, мебел, придружен персонал, шофери и други „ситни привилегии“ кои отвораат крупни дупки во буџетот? Ваквиот начин на практицирање власт сè повеќе се промовира на голема врата, и покрај неговата повеќекратна штетност. За да се возат паралелно, како што оваа „псе јо“ Влада нè вози со паралелизмот во владеењето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот