Лизгалката што завршуваше на улица заменета со спирална, ставена е и ограда

Од Општина Кисела Вода велат дека, откако утврдиле дека поставените лизгалки се предолги, веднаш била поставена нова лизгалка, со цел децата да бидат заштитени од можни повреди

Многу обвинувања за неодговорност и реакции на осуда стигнаа на сметка на Општина Кисела Вода, откако на социјалните мрежи се појави видео од детско игралиште во населбата Усје, на кое се гледа како деца се лизгаат на лизгалка која завршува на улица.

Граѓаните прашуваа како е можно така да се постави лизгалка и децата да се доведат во сериозна опасност да настрадаат од автомобилите кои минуваат на улица и побараа одговорност од надлежните.

Откако некој од граѓаните ја пријавил состојбата во Општината, „грешката“ е отстранета, долгата лизгалка е заменета со спирална, а поставена е и заштитна ограда, која претходно ја немаше на игралиштето.

Од Општина Кисела Вода велат дека видеото е снимено додека на игралиштето сѐ уште траеле градежните активности. Тоа не ги спречило децата да го користат, но очигледно е дека ни родителите не се обиделе да ги спречат своите деца во намерата да си играат на недоизградено игралиште.

-Во периодот кога во јавноста се рашири веста за детското игралиште, на него се одвиваа работни активности. Игралиштето не беше пуштено во употреба. Но, за жал, Општината немаше можност да ги запре децата предвреме да не го користат детското игралиште. По констатацијата од страна на Општина Кисела Вода дека поставените лизгалки се предолги, дека не се соодветни, веднаш беше поставена нова лизгалка, со цел децата да бидат заштитени од можни повреди, на детското игралиште поставена е гумирана подлога – велат од Кисела Вода.

Оттаму додаваат дека за поголема безбедност на децата, околу игралиштето е поставена заштитна ограда, а веднаш до него е поставена и платформа со корпи за отпадоци и четири клупи за родителите или старателите одблизу да можат да внимаваат на децата.

-Детското игралиште е лоцирано до улица која е споредна, не е прометна, но заради градежните работи за поставување на фекална канализација во селото, по улицата е зголемен протокот на возила. Локацијата за детското игралиште ја одредија жителите на селото Усје – објаснуваат од Општината.

Од Кисела Вода најавуваат дека веднаш до детското игралиште, за децата ќе направи и мини баскет игралиште, кое ќе биде оградено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот