Ливерпул се откажа од трансферот на Вернер, нема 60 милиони евра
Трансферот на Тимо Вернер од Лајпциг во Ливерпул ова лето речиси беше договорен, но од тоа на крајот нема да биде ништо.
Британски „Мирор“ пишува дека сè уште актуелниот европски шампион се откажал од купувањето на германскиот репрезентативец поради кризата предизивикана од коронавирусот.
Имено, челниците на Ливерпул сметаат дека ова лето не можат да си дозволат да платат 60 милиони евра колку што изнесува откупната клаузула за Вернер.
Менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп кој цела сезона кажува само пофални зборови за Вернер, сега ќе остане без своето планирано засилување бидејќи управата на клубот одреди буџет од само 35 милиони евра за еден фудбалер, додека од друга страна Лајпциг во неколку наврати најавуваше дека нема шанси да ги продава своите играчи на попуст поради кризата.
– Немаме намера фудбалер кој има повеќе од една година преостаната во договорот да го продадеме под цена. Како ќе го замениме со добар напаѓач ако го продадеме под цена – изјави Оливер Минцлаф, директорот на Лајпциг.
Актуелниот договор на Вернер со Лајпциг е со важност до 2023 година.
Тимо Вернер оваа сезона во 39 натпревари за Лајпциг постигна 30 гола и имаше уште 12 асистенции, а во првиот натпревар по двомесечната пауза постигна хет-трик на гостувањето кај Мајнц.