„Литера“ прераснува во зрел фестивал кој дава шанса за литературата за деца и за илустрацијата

Наградените автори на петтото издание на „Литера“

Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ ги додели признанијата за најдобри изданија во изминатите две години и со тоа го заокружи своето петто издание, што годинава се реализираше од 23 до 27 мај во Музејот на град Скопје.

Наградата за најдобра сликовница ја доби „Невидлива куќа“ по текст на Билјана Црвенковска, со илустрации на Ване Костуранов, во издание на „Чудна шума“ од 2021 година. Признанието за најдобра илустрација го доби сликовницата „Страшна ноќ“ на Наташа Андонова, работена по текст на Славко Јаневски, издание на „Темплум“.

Признание за најдобар текст доби „Ведра“ на Јулијана Величковска, со илустрации на Марио Каев, издание на „ПНВ Публикации“. За најиновативно издание е прогласена „Ветерната приказна“, графичка новела по текст на Ника Гавровска, со илустрации на Наташа Андонова, издание на „Гаврош“.

– „Литера“ е на прагот на шестото издание и прераснува во зрел фестивал кој дава шанса за литературата за деца и за илустрацијата во Македонија – истакна новинарката Ана Зафирова.

Софија Семенпеева, идеен креатор на фестивалот, им се заблагодари на гостите од Хрватска, илустраторите Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ -Врачар и Бранка Холингсворт – Нара и рече дека се надева дека тие дома ќе однесат и парче од „Литера“. Таа им додели признанија и на децата што учествуваа на Летниот креативен камп на „Литера“, кој лани се одржа во Богданци, а чии дела беа изложени на фестивалот.

Наградената илустраторка Наташа Андонова рече дека останала без зборови кога ја добила наградата, но и дека има многу сликовници со одлични илустрации и сите може да бидат најдобри.

За Јулијана Величковска признанието е стимулација. Таа се надева дека „Ведра“ ќе им се допадне и на многу други деца. Ника Гавровска рече дека кога ја пишувала книгата воопшто не мислела дека ќе влезе во категорија иновативно издание. За соработката со илустраторката Наташа Андонова рече дека се нашле на интуитивно, женско ниво. Ване Костуранов рече дека е предизвик да се направи добро дело, а задоволството е големо што „Невидлива куќа“ добива награди.

Признанија за учеството на „Литера 2023“ добија и македонските илустратори Александар Иванов, Викторија Егорова, Гоце Илиевски, Калипои Трпчева и Сања Симоска, чии дела наесен ќе бидат изложени во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб.

Фестивалот „Литера 2023“ се одржа од 23 до 27 мај, а покрај големата изложба на илустрации се одржа и конференција, професионални работилници за илустрација за деца, читања сликовници, промоции. Фестивалот го поддржаа Министерството за култура, „Халкбанк“, „Ефектива“, „Органик нар“, Умно.мк и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот