Листа на лицата кои биле во Банско, АХВ се обврзува веднаш да спроведе вонредни контроли во трговијата

Агенцијата за национална безбедност треба да ги провери сите лица кои од Република Северна Македонија во последните 14 дена го посетиле зимскиот рекреативен центар — Банско во Република Бугарија и по добивање на листата од надлежните институции од Бугарија треба да ја сподели со Државниот санитарен и здравствен инспекторат за сите овие лица да добијат решение за самоизолација.

Оваа одлука ја донесе Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус Ковид-19, на денешниот состанок одржан во Владата со кој претседаваше премиерот Оливер Спасовски.

На состанокот, како што информираат од владината прес-служба, беше донесена одлука Министерството за здравство да донесе соодветен правен акт со кој ќе се одложат сите систематски здравствени прегледи кои работодавачите ги спроведуваат и организираат за работниците.

Управата за јавни приходи, пак се задолжува, да ги стави на располагање сите свои капацитети и ресурси на Државниот пазарен инспекторат, со цел подготовка на функционален план за вршење заеднички координирани теренски контроли.

Агенцијата за храна и ветеринарство, исто така, се обврзува веднаш да спроведе вонредни контроли во трговијата, особено на трговците со храна, на пазарите, во маркетите, големите трговски ланци и слично (дали се почитуваат правилата за трговија и ракување со храна особено во услови на криза и вонредна состојба, дали стоката се продава со поминат рок, дали вработените постапуваат согласно стандардите, дали се почитуваат дадените мерки и препораки за заштита од Ковид-19), како и други аспекти од надлежност на Агенцијата.

Главниот кризен штаб, меѓу другото, го задолжи Секретаријатот за европски прашања, во текот на денешниот ден, да достави писмо за намери до Кралството Норвешка, за искористување на средствата кои се ставени на располагање за потребите со справување со настанатата ситуација за која постои вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија.

За оваа цел, Секретаријатот за европски прашања, во соработка со вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска и министерот за здравство Венко Филипче во најкус можен рок да одржат координативен состанок со цел утврдување на листа на конкретни добра, стоки и услуги кои се во функција на справување со настанатата ситуација за која постои вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија, која потоа СЕП ќе ја достави до Кралството Норвешка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот