ЛИНДАНОТ КАЈ ОХИС ЌЕ СЕ ЧИСТИ 30 МЕСЕЦИ: Можна е хаварија ако не се почитуваат овие правила

Линданот е отровен инсектицид, кој во кругот на фабриката „Охис“ е депониран со години. Според истражувањата на професорите Трајче Стафилов и Виктор Стефов од одделот за хемија при Природно математичкиот факултет во Скопје, линданот го има во водата, почвата и воздухот околу „Охис“. Иако во медиумите најгласно се говори за опасноста од линданот, професорите укажуваат дека тој е застапен со само десет проценти, а остатокот го сочинуваат други, исто така опасни супстанци, меѓу кои пестициди, ПВЦ во прав и опасната жива, што сеуште испарува и тече по ѕидовите на објектот каде се преработувала, објаснува професор Стафилов.

Професор Трајче Стафилов
Професор Трајче Стафилов

– Во кругот на Охис има закопано 30.000 тони линдан, кој е покриен со 20.000 тони земја, што значи дека имаме 50.000 тони загадена почва. Линданот е во групата на канцерогени супстанци. Бидејќи нема долна подлога на локацијата, загадени се подземните води. Нема заштитна горна подлога, па истовремено ветерот ја разнесува прашината во воздухот. Експертски тим вршеше испитување преку бушење на земјата, со што се потврди дека земјата околу Охис е енормно загадена, исто и воздухот и водата – објаснува за „Слободен печат“, профосор Стафилов.

Ќе се отстранува линданот од малата депонија

Линданот бил користен како инсектицид со широк обем на дејствување кај семенскиот материјал, за третирање на почвата, прскање, заштита на дрвата и дрвената граѓа и против ектопаразити кај животните и луѓето.

Покрај големата депонија, која опфаќа површина колку еден фудбалски терен, во ОХИС има и мала депонија со линдан, за која неодамна се распиша тендер за отстранување.

Имено, станува збор за објавување на меѓународен тендер за избор на технологија за отстранување на линданот кој ќе биде отворен до 11 ноември. Проектот ќе биде поддржан од Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО). Средствата за отстранување на линданот од малата депонија се обезбедени од Глобалниот еколошки фонд, во висина од 3,5 милиони долари, и дополнителни 6 милиони од Владата на Македонија.

Од Министерстово за животна средина за „Слободен печат“ информираат дека со тендерот не се дефинира технологијата однапред, туку се дефинирани барањата/условите кои треба да ги исполни понудената технологија, како во поглед на ефикасноста на третманот, така и во поглед на безбедносните аспекти и стандарди.

– Без разлика која технологија ќе биде оценета како најдобра и најприфатлива, се очекува процесот на чистење да биде успешен со оглед на високите критериуми поставени во тендерот, а кои треба да ги исполни понудувачот. Утврдените критериуми гарантираат избор на најсоодветен изведувач на чистењето. Важно е да се напомене дека процесот на чистење ќе биде предмет на постојана супервизија и мониторинг од страна на надлежните институции, како и од независен супервизор – велат од Министерството.

Отстранувањето на линданот ќе биде долготраен и безбеден процес, населението нема да се евакуира

Хаварија во голем обем при отстранувањето на линданот не се очекува, освен ако не се почитуваат стандардите. Сепак, не е исклучено значително зголемување на загадување на воздухот, додека се одвива процесот на транспорт во камионите кои што ќе го однесат во некоја од високо развиените европски земји, каде што има печки за согорување, кои се апсолутно безбедни во однос на согорувањето, вели професор Стафилов.

Тој додава дека сите мерки ќе бидат почитувани, работниците кои ќе го вршат отстранувањето ќе носат заштитни одела, процесот ќе се врши на затворено, односно линданот нема да биде изнесен надвор, а со тоа се исклучува и потребата за евакуација на населението.

Од Министерстово за животна средина и просторно планирање велат дека согласно проценетата количина на контаминирана почва во малата депонија, процесот на чистење би требало да трае околу 30 месеци.

По отстранувањето на линданот, ќе следува деконтаминација на почвата и водата

Почвата, водата и воздухот околу фабриката ОХИС се контаминирани од оваа опасна супстанца, а тоа подразбира и дека земјоделските култури кои се одгледуваат во тој реон се опасни за конзумирање, тврдат професорите од Институтот за хемија кои ги вршеле анализите.

Лабораторија на Институт за хемија
Фото/ Слободен печат- Драган Митрески

Дали отстранувањето на линданот од ОХИС ќе овозможи услови за ревитализација на земјиштето, односно негово повторно користење за индустриски намени, прашавме во Министерството за животна средина, од каде што ни одговорија дека една од обврските на понудувачот на технологија е и ревитализација на земјиштето за понатамошна негова употреба во индустриски цели.

– Притоа ќе се почитуваат утврдените гранични вредности за третман на контаминирани локации, велат од Министерството.

Останатиот дел од контаминираната почва, која има пониски концентрации на HCH (хексахлорциклохексан) може да биде третирана на самата локација или повторно во достапните капацитети надвор од земјата, со некоја од применливите технологии, зависно од тоа која технологија ќе биде понудена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот