Ликовната изложба „Монумент за неродените“ на Иван Аџиевски носи критички став кон реалната општествена состојба

Плакат за изложбата „Монумент за неродените“

Четвртата самостојна изложба на македонскиот автор Иван Аџиевски е со наслов „Монумент за неродените“ и претставува концептуален проект во кој преку ликовната уметност авторот се обидува на пошироката јавност да ѝ го претстави својот критички став кон реалната општествена состојба како причина за миграција на младите од државата.

На изложбата ќе бидат презентирани фотографии отпечатени на платно, кои се модифицирани со апстрактен пристап со употреба на злато како медиум, создавајќи 12 нови уметнички дела-слики на кои се прикажуваат (во реалноста непостоечки) монументи подигнати во презентираниот простор на Македонија во чест на неродените, изгубените генерации, како и отселените граѓани од државата.

Прикажувањето на апстрактно насликаните монументи во природниот простор не е случајно, бидејќи со тоа се прави паралела на недопрената чиста природа со која може да се гордее Македонија и нечистата перверзна политичка сцена во последните 20 години, која доведе до постојната економско-социјална состојба во државата како директен причинител за намалениот наталитет и зголемената младинска емиграција.

Изложбата „Монумент за неродените“ е дел од програмата на Центарот за современи уметности – Скопје за 2024 година. Отворањето на изложбата е закажано за 23 септември, во 19:30 часот, во Мобилната/Монтажна галерија во Паркот на Франкофонијата во Скопје.

Иван Аџиевски е роден во Скопје во 1985 година. Завршува Правен факултет при УКИМ во 2009 година. Во водите на сликарството влегува во 2018 година со реализација на својата прва самостојна изложба „Beauty spot“ во галеријата „Концепт 37“, каде што беа изложени дела работени во комбинирана техника акрил на платно со претстава на женски лик и акт во експресионистички и кубистички манир.

Втората изложбa „Beauty spot II“ во 2022 година ја постави во КСП „Центар-Јадро“, а третата концептуална изложба со наслов „Форми на системот“ ја реализираше во 2023 година, на која претстави слики, инсталации, скулптура и видеопроекција кои имаа за цел поттикнување на јавен дијалог и креативен активизам за надминување на корупцијата како економски и политички проблем.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 247, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.09.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот