Ликовна изложба во „Ко-Ра“: Колоритна фасцинација од македонскиот пејзаж

Изложбата на акварели со наслов „Македонски пејзаж“ од ликовната уметница Марија Светиева е поставена во галеријата на Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје. Авторката Светиева има 50-ина самостојни изложби во земјава и во странство, а учествувала и на 280 групни изложби.

Нејзината изложба во „Ко-Ра“ ја отвори Виолета Калиќ, која меѓу другото истакна дека „Светиева е уметница со препознатлив и силно изразен сензибилитет со кој ги транскрибира и преточува доживувањата на автентичните предели на Осоговските Планини, водопадите Дуф, Колешинските Водопади, охридското и преспанското крајбрежје во обилство на пигменти од широката колоритна скала“.

Виолета Калиќ и Марија Светиева

– Веројатно по долгите патувања низ светот, како новинар и како уметник, откако човек ќе остари, сака да се врати на своите корени. Така се појавија делата за изложбата „Македонски пејзаж“. Секогаш ме фасцинирал македонскиот пејзаж, сум била заљубена во Охрид и Преспа, но ме воодушевувале и други предели низ Македонија, како Дојран, Пелистер, неколкуте водопади. Акварелите почнав да ги правам како изблик од душата, како говор на битието на естетски начин. Импресиите се собираат и се случува раѓање на сликата. Така направив стотина акварели со македонски пејзажи во последниве две години – открива Светиева.

Акварелот е специфична техника за работа, бидејќи делата се прават мошне брзо, но доколку се направи грешка во потегот, таа не може да се поправи. Токму затоа акварелот се прави со брзи и прецизни движења на четката, речиси во еден здив. Своите акварели Светиева досега ги изложила во Романија, Бугарија, Украина, Финска, Малезија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 38, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4-5 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот