Ликовна изложба што носи културен континуум на историските текови

Во ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп од 4 јули ќе биде отворена изложба на дела од прилепската уметница Павлина Илијеска. Авторката е родена во Прилеп, 1949 година. Образованието го завршила во родниот град. Интензивно почнува да слика на свои 57 години, во 2006 година. Нејзиниот опус до 2015 година брои над 146 сликарски платна со претстави на градски ведути и пејзажи, изработени во акрилна техника.

– Со компонирањето на колоритни пејзажи и импресивни градски ведути, самоуката уметница/аматер Павлина Илијеска создава обемен сликарски опус со мотиви инспирирани од родниот град Прилеп. Сликајќи ги грандиозните споменици со кои се одликува градот под Марковите Кули, таа креира културен континуум на историските текови кои оставиле карактеристични белези во минатото и кои на неповторлив и единствен начин ја обликуваат сегашноста.

Сигурна во својата интуиција, таа храбро и достоинствено чекори во светот на ликовната уметност. За првпат во новиот циклус на уметнички дела користи монументални платна. Со минуциозното и пиктурално сликање на најситните детали во пејзажите и градската архитектура, уметницата настојува целосно да ја исполни белата површина. Издвојувајќи сè со – калиграфски сликарски ракопис, лирски сензибилитет и вибрантни боени ноти, автентичното уметничко творештво на Илијеска прераснува во културен ансамбл кој сведочи за историската и духовната вредност на градот – напиша историчарката на уметноста Викторија Димеска.

– Не само поради создадените дела, туку и поради бројните интензивни разговори за уметноста и за секојдневието кое нѐ опкружува, љубам да кажам дека Павлина Илијеска е, пред сѐ, човек којшто има неверојатна интуиција, што води кон мојот следен заклучок дека е авторка која ја изложува душата и нејзините пориви. И тие радосните, и тие страшните, или пак, тие тажните.

Интуицијата која умешно ја пренесува и на платната со кои денес сме опкружени, без разлика на чувството кое во моментов како гледачи нѐ обзема, е следена од една заедничка карактеристика кој во уметноста често не ја забележуваме, бидејќи премногу сме фокусирани на доживувањето на насликанато, посебено ако ни изгледа познато, а помалку на неговата позадинска интерперетација. Таа заедничка карактеристика во делата на Илијеска е слободата, односно нејзиното интуитивно пројавување, без разлика дали сликарката ни претставува така наречени патриотски мотиви, или го допира егзистенцијалниот бит на единката.

Занимавајќи се со единката, Илијеска вешто продира и се судира со стравот, неспокојот и потрагата по начините за повторно народување. И тука, и во случај на патриотско-локалните теми, вториот план, односно споменатата позадинска интерпретација е творивото кое смирува, оплеменува, радува или ја додава дополнителната сила за истрајност кон слободата, како што се, на пример, сликани мотивите поврзани со „Тешкото“, прилепска Могила или Чаршијата со градската Саат-кула.

Илијеска слика слобода која не останува само во рамките на имагинарното, или, пак, слобода која ќе не одведе на барикадите на градскиот плоштад, туку таква која несвесно нѐ разнежнува, иако можеби очекувањата биле поинакви – забележа културологот Звонко Димоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот