Ликовна изложба на Боро Арсовски во КИЦ: Колорна авантура базирана на чисти чувства

Академскиот сликар и ликовен педагог Боро Арсовски почесто ќе го видите со фотоапарат во рацете, отколку со четка пред сликарско платно. Но, изложбата со која се претстави минатава седмица во Културно-информативниот центар во Скопје ја открива и другата половина од неговата творечка личност.

„Завршив средно уметничко на отсекот графика, а подоцна и ликовна академија. Од секогаш сум сликал многу и сѐ и сешто. Тоа е мојот стил. А фотографијата си ја носам со себе насекаде, без намера да се наметнувам како автор на тоа што го снимам. Тоа ми е како терапија, како фискултура на очниот нерв, без оптоварување. Фотографијата и сликарството се сосема различни дисциплини и затоа едни ме прифаќаат како сликар, а други како фотограф. Со фотографијата имав голема среќа. Успеав да ја спојам со ликовната педагогија и воедно да можам да им будам љубов и на младите да ја разберат таа категорија на визуелна култура и комуникација. На најубав начин живеам од неа, а притоа и во сликарството останав чист“, открива Арсовски.

Сликите ги поврзува единствено целосното препуштање на спонтан креативен импулс во процесот на создавање

Изложбата во КИЦ немаше наслов. Тој вели дека свесно не сакал да ја насочува перцепцијата на посетителите, туку да им остави поетска слобода во толкувањето на делата. Подготвил 42 слики, а за изложбата селектирал и изложил 28 дела, сите на платно. Делата се насликани во последниве неколку години и секое има своја апстрактна или фигуративна тематика.

„Во последните неколку години имам послободен пристап кон платното, експресија фрлена и оставена да се рефлектира во окото на гледачот, без интерпретација на авторска едноличност, повторување на стилска наметливост или ограничувања во изборот на мотив. Сликите ги поврзува единствено целосното препуштање на спонтан креативен импулс во процесот на создавање, оставајќи ги зад себе сите додворувања преку претходно прифатен концепт или формула за успешна слика. Сликите се колорна авантура што говори многу повеќе од сите мои изречени зборови. Ова воедно претставува и мое лично изненадување и трансформација од материја во чисти чувства. Сето ова е слика која не смее да биде завршена, слика која мора да продолжи да живее и да предизвикува и понатаму“, истакнува Арсовски.

Во последните неколку години имам послободен пристап кон платното, истакнува Боро Арсовски

Како ликовен педагог Боро Арсовски е вработен во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје. Имал професионални ангажмани како графички дизајнер, сценограф, фоторепортер. Зад себе има повеќе самостојни изложби, фотографски и мултимедиски настапи, како и учество на повеќе групни изложби, ликовни колонии, ликовни работилници и проекти во земјава и во странство.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 74, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот