Ликовна изложба: Графити уметност во МКЦ

Првата самостојна изложба на визуелниот уметник Душан Стефановски со наслов „Потиснат потенцијал“ од 3 јуни е поставена во галеријата на Младинскиот културен центар. Неговата уметност е апстрактна лична експресија, која е создадена со материјали што се типично користени за графити-уметноста, што се додава на уникатноста на неговиот веќе уникатен визуелен јазик. Неговите колоритни дела додаваат малку повеќе боја во нашиот град.

‒ Кога зборуваме за уметноста, неретко се среќаваме со поимот „потенцијал“, било да се работи за креативен, творечки или пазарен потенцијал. Интересно е што графити-уметноста како да не влегува во ниту една од споменатите категории. Барем не овде, не на овие простори. Честопати отфрлана, понекогаш дури и погрешно категоризирана како форма на вандализам, кај нас и натаму стои на маргините од уметничките практики, недоволно признаени „за“ и „во“ рамките на галерискиот простор, можеби на моменти дури и премногу одвоена од галериската уметност, како не толку „елитна“ или „ексклузивна“, за да ги задоволи воспоставените институционални критериуми.

Душан Стефановски во неговата прва самостојна изложба, која не случајно го носи насловот „Потиснат потенцијал“, упатува токму на потиснатиот потенцијал на овие уметнички форми и практики, со интенција да укаже на можноста за алтернатива во галерискиот простор, но истовремено и обратно, да ја доближи урбаната „стрит-арт“ сцена до едно институционално рамниште – напиша Ангела Витановска, историчарка на уметност.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 34, во печатеното и електронското издание на „Слободен печат“ на 5-7 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот