Ликовен уметник што празнината ја гледа како потенцијал што може да се исполни со нова енергија

Визуелниот уметник Матеј Богдановски не чувствува проблем со седењето дома и работата во изолација, бидејќи тоа е дел од неговата работна рутина, а му пречи само тоа што поради ситуацијата со коронавирусот се одложени неколку изложби на кои треба да бидат претставени неговите нови цртежи.

Чести мотиви во делата на сликарот Матеј Богдановски (1979, Скопје) се урбаните сцени и градските ликови. Во периодов на социјална изолација тој е повлечен во своето ателје, но и понатаму неговата работна маса е исполнета со цртежи, скици и материјали за сликање. Покрај ликовната уметност, Богдановски се занимава и со стрип, фотографија, а ја има објавено и книгата за деца „Приказни од чудновија“.

На што работиш во овој период?

– Во моето ателје, кое е всушност претежно во мојата соба, во мала населба во Охрид, јас секогаш имам нешто да чепкам и да правам, така што оваа мерка за изолација не смени нешто многу во моето секојдневие. Но ситуацијата, сепак, и кај мене смени некои планови. Требаше да правам изложба на цртежи, а се одложи и една групна изложба на која учествувам, која требаше да биде во Музејот на современата уметност. Бидејќи цртежите се готови, овој период, кога немам некои појасни идеи, го користам за правење скици, белешки на идеи, собирање материјал кој евентуално ќе ме доведе до некои нови дела. Во паузи меѓу цртањето, еден дел од времето го поминувам на интернет, барајќи и запознавајќи разни современи сликари.

Урбани мотиви и градски ликови се дел од мотивите што претходно те инспирирале. Како празните улици на градовите сега делуваат на тебе?

– Можеби ќе им звучам чудно на многумина, но кога ги гледам фотографиите и видеата со празните улици на Скопје, мене не ми изгледаат застрашувачки, како што некои ги доживуваат. Јас таа празнина ја гледам како некаков потенцијал тие да се наполнат со една нова позитивна енергија, кога сето ова ќе помине. На овој надреален момент гледам како на една исклучителна прилика да се доживее нешто што сме го гледале само на слики, филмови или во сон. Ако сме паметни, може од оваа ситуација да извлечеме многу, бидејќи имаме можност да го согледаме и градот и општеството така празни и разголени, ставени како на тацна пред нас. Во вакви тишини обично можат да се чујат звуци и пораки, кои инаку не можат да допрат до нас.

Изолацијата е добра или лоша за креативна уметничка работа?

– Уметниците знаат да се повлечат во самотија. Тоа, впрочем, е дел од нивната работа. Изолацијата е добра кога сами ја контролираме. Вакви наметнати ситуации не се пријатни за никого, но понекогаш се неопходни и најлесно ќе се пребродат ако сите се свртиме кон нашите креативни и духовни потенцијали. Сепак, кога подобро ќе се размисли, седење дома со сета удобност не е нешто многу тешко и на одреден период може да се издржи.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 25, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4-5 април 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот