Лигавизам или говор на омраза меѓу пензионерите?!

Од кулоарски кажувања неодамна дознав дека во пензионерската организација почнало сериозно да се работи и да се постигнуваат некакви успеси. Најпрво се конституира и консолидира раководството на СЗПМ и почна да ги турка работите нанапред. Затоа јалови се тврдењата дека новата претседателка сè уште не ги зела работите во свои раце и не знае од каде да почне со реформите?!

Можеби, пак, таков впечаток се создава поради сè уште недефинираниот однос кон почетните определби за побрзо расчистување и справување со старите навики, како и присутната индиферентност во раководните структури?! Веројатно затоа претседателката беше воздржана во давањето одговор на некои „незгодни“ прашања, но треба да се има предвид и нејзиното индивидуално право да одлучи дали сака или не сака со некого да разговара и да му „полага сметки“?!

Текст преполн со глупости

Ваквото размислување и согледување на поединечните, повисоки и пониски интереси, како и многу други поставки, не се регулирани во Статутот на организацијата, што веројатно претседателката и во него ќе мора да интервенира со оглед на блискоста на проблематиката со којашто се занимавала и за време на работниот однос?! Затоа, во слични ситуации, како што има препораки од некои советници, најдобро е да се игнорираат сите заинтересирани персони за состојбите во Сојузот, па макар тие доаѓале и од внатре, зашто намерата не им е толку „добра“ кога по секоја цена сакаат на виделина да изнесуваат „валкани алишта“ за да им „наштетат“ на луѓето од врвот на организацијата?!

Да ги имав порано овие сознанија, сега немаше да ми биде „толку криво“ што ја критикував претседателката на пензионерите за некои (не)постапки и бавниот пристап кон реализацијата на нејзината програма?! Неодамна дознав колку убаво таа зборувала за информирањето во СЗПМ, за кое најмногу ѝ забележував. Констатацијата била дека тоа се одвива добро, но секогаш можело да биде и подобро, а за таа цел требало да се слушне мислењето на оние за кои е наменето. Сепак, изразена е согласност да има текстови што реално ќе ги покажат состојбите поттикнувајќи го во прв план она што е добро, но не треба да биде изоставено и другото?!

Импресионирана од оценката на својата претседателка за информирањето во Сојузот и пошироко, нејзината школска другарка, инаку претседателка на Комисијата за информирање, наедно членка на ИО во СЗПМ, па членка на уште некои комисии и главна и одговорна уредничка на весникот „Пензионер плус“ (се извинувам ако испуштив некои други должности – тоа не е (а)кумулација на функциите, што беше препорака да не се применува), веројатно да искаже благодарност, во последниот број на пензионерското гласило пишува за потребата од игнорантски однос токму на раководните луѓе во Сојузот.

Демек тоа е лекот против оние „амбициозните и самоуверените (главно без покритие), кои сте ги надминале со својата работа, труд и на чесен начин и тие ќе почувствуваат желба за одмазда. Ќе се обидат преку интриги и сплетки да ве спуштат на нивно ниво, ќе ве ‘напаѓаат’ со двосмислени изјави…“.

Во текстот се спомнуваат и други „двосмислености“ и давање совети и поуки на „чесните“ луѓе (веројатно од врвот на Сојузот), како да се справат и да ги игнорираат „нечесните“, „злобните“, „љубоморните“ и другите спротивставени. И сè така, преполн текст со глупости објавен под наслов „Зошто игнорирањето е мајка на сите одмазди?“ Навистина не ја видов пораката и полезноста на ова пишување. Се прашувам, но и вас што сте го прочитале овој текст ве прашувам (иако наводно преземен од интернет), која е намерата и на што убаво подучува неговата содржина?! Дали, можеби повикува на заедничко согледување и надминување на слабостите и сплотување во пензионерската организација, или на поделби, ширење омраза и меѓусебна нетрпеливост?!

Реформа на весникот

Мене повеќе ми наликува на ова второто, што може да се сведе под поимот „говор на омраза“?! Сепак, мислам дека од желба за потпикнување и од чист полтронизам, со голем претеризам длабоко се навлегло во лигавизам?! Затоа верувам дека ова не може да помине незабележано од претседателката, која порано се грозеше на ваквите работи?!

Но, зошто е дозволено објавување на ваква содржина во пензионерското гласило?! Сигурно и на раководството овој „одмазднички“ текст не му се допаднал, иако е чудно како тоа  навреме не го стопирале?! Туку, зарем треба сè да се проверува и да ѝ се кажува на главната уредничка на весникот како да го (с)уредува или само бегло да се погледаат содржините за да се одобрат за објавување?!

Ете, токму и поради ова претседателката на СЗПМ мора да ја забрза најавуваната реформа во весникот, во кој, освен подобрувањето на хартијата, нема никакво друго подобрување?! Ако ништо не преземе, и натаму ќе му се случуваат „одмазди“ и ќе се објавуваат желби за заштита на своите газди?! Но, каде се тука желбите и потребите за информирање на пензионерите?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот