Лига Европа: Металург поразен на гостувањето во Франција

Фото: twitter.com/FENIX_HB

Металург во првиот натпревар од групата „A“ во новоформираната Лига Европа (како замена за досегашниот ЕХФ куп), загуби вечерва од Тулуз со 33:29 (18:15).

Македонскиот претставник се бореше со сите сили да извлече добар резултат од ова гостување, на стартот трипати израмнуваше, а потоа од 3:3 до крајот на мечот предноста ја имаше само домаќинот.

Највисоката позитива на Французите достигнуваше до плус пет, тимот од „Автокоманда“ се наоѓаше во добри можности да намали на „минус еден“, дури и да израмни, но кога беше најпотребно се правеа грешки, не се реализираа шансите.

Тоа ривалот знаеше да го казни и често се одвојуваше на константни три-четири разлика, а од друга страна одбраната на Зоран Кастратовиќ не се покажа во најдобро светло, од секакви позиции некако „лесно“ се тресеше мрежата на Дупјачанец.

Со девет голови најрасположен во победничките редови беше норвешкиот пивот Јакобсен, незадржлив за дефанзивците на Металург. Слична партија можеби се очекуваше и од Црногорецот Канкараш исто така еден од клучните играчи во нашата екипа, но тој само двапати се запиша во листата на стрелците.

Најефикасен беше неговиот сонародник Поповиќ со осум погодоци, еден помалку запиша Србинот Рниќ, додека Босанецот Тарабокиа имаше пет голови.

За ракометарите на Кастратовиќ следува детална анализа на мечот и каде може да се подобри играта во пресрет на следните предизвици од натпреварувањето, а наредниот дуел „сино-белите“ ќе го имаат за седум дена во Скопје против полскиот состав на Висла Плоцк.

Видео на денот