Лидерски договори или заговори?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Пандемијата од корен ни го смени животот. Таков удар ни зададе што ни самите не можеме да се препознаеме. Не сме истите во мислите, во однесувањето и во дејствувањето. А за штетите што ни ги нанесува вирусот и да не зборуваме. Губењето на животите е нашата најголема трагедија што ни се случува. Секојдневно растат бројките на починати и пред очи ни умираат најблиските, а некои нè убедуваат дека е добро менаџирањето и справувањето со пандемијата?! Можеби е добро, но во нормални услови и гледано со нивната диоптрија, а не со нашата и во оваа вонредна и потешка состојба од воената. Таквото размислување и менаџирање е чисто манипулирање и замајување! Но, кој ова ни го наметнува и умот ни го сметнува?!

По работ на бездната

На врвот на бунилото е нефункционирањето на државните институции (посебно парламентот) и немањето став за излез од овој безизлез. И не само од пандемијата, туку и од правданијата за страданијата, од мафијата и краданијата, од литијата на беззаконијата и бугаризацијата?! Тоа создава уште поголема забуна и револт кај граѓаните кои веќе се изморени, искрадени, несигурни и небезбедни.

Сè е испомешано, закочено и препуштено на поединецот сам да се снаоѓа како што знае и умее. Навистина, има обиди да се создаде поинаква слика и подобра перцепција за состојбата, особено под влијание на медиумите, но и на нив не им се верува, зашто се наклонети и бранат една или друга опција. Сè е така направено и поставено што никој никому не верува, а сите заедно чекориме по работ на бездната.

Политичката сцена стана арена за афери, шпекулации, скандали и разноразни подметнувања и меѓусебни обвинувања. Состојбата е толку алармантна и дотаму дотерана што на сите почна да им се смачува и смрачува. Оттаму веројатно допре гласот и до двајцата лидери на најголемите македонски партии за да им стане јасно дека е неизбежно и неодложно да се сретнат, да прозборат и барем за нешто да се договорат?! И навистина се случи, првпат по толку години да направат нешто што сите го очекуваа – се договорија да ги одложат пописот и локалните избори за да го заштитат здравјето и животите на луѓето.

Но, кои се тие сами зад затворени врати да се договараат и да одлучуваат во име на другите (етнички) партии – почнаа да се прашуваат и да размислуваат некои партиски апологети и изнајмени аналитичари?! И, средбата беше сфатена како заговор против другите партиски субјекти. Особено тука поентираа некои „чувари на мирот“ кои веднаш „открија“ дека ваквиот договор е на штета на албанската етничка заедница која на пописот (демек, ако се одложи) ќе се прикаже во многу помала бројка отколку што е вистинската?! Значи повторно политизирање на пописот и фаворизирање на една групација, во случајот, албанската популација?!

Вистински проблеми

И така ништо не оди како што треба, исто како во поговорката: „Едниот удира во шајка, а другиот во плоча“. Сè се прави за ништо да не се направи и да се дефокусираат граѓаните од вистинските проблеми. Така се мисли, но веќе е прочитана  намерата за злоупотреба на националната припадност и етничката чувствителност. Зашто сите се на работ на издржливоста и стана провидно сеењето магла од вакви и какви било други позиции. Пандемијата не ги препознава и не прави разлика помеѓу Македонците, Албанците, Власите, Србите, Ромите, Турците, Бошњаците и другите припадници на етникумите во Македонија. Сите сакаат, да се вакцинираат, да се лекуваат, да живеат подобро и да не стравуваат за својата егзистенција. Затоа кај граѓаните не поминуваат национализмите, пизмите, двојбите и раздвојбите.

Тоа мора да го сфатат и властите и останатите за да не губат време во ова невреме, туку да се свртат кон стратегиските определби и вистинските проблеми на државата. Последниот воз за Европа е поставен за сите Заевци, Мицковци, Ахметовци, Апасиевци и Селовци… Ако на одење не нè однесе, на враќање младината сигурно нема да ја донесе?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот