Лидерската сепак донесе промени: ДУИ спремна да биде опозиција, ВМРО-ДПМНЕ влегува во власта?

лидерска Ковачевски Мицкоски Фото МИА

Широка влада без ДУИ треба да биде излезното решение за уставните измени да ја добијат поддршката и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Од опозицијата експресно одговорија дека ја поздравуват одлуката на ДУИ да оди во опозиција.

Дали широка влада без ДУИ сепак ќе биде излезното решение за уставните измени да ја добијат поддршката и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, е дилемата која по лидерската средба помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја отвори министерот за надворешни работи Бујар Османи со објавата на Фејсбук дека интегративците се подготвени да не партиципираат во Владата само уставните измени да поминат.

„ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада.Европската иднина на граѓаните е пред сѐ!“, го напиша Османи ставот на ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ експресно одговорија дека ја поздравуват одлуката на ДУИ да оди во опозиција.

„Останува уште ДУИ, освен за опозиција, да се согласи за одложена примена на измените се до периодот на влез на македонија во ЕУ“, објави партијата.

Шанса за уставните измени?

Дали ова ќе предизвика нов расплет и дали е некава шанса уставните измени сепак да поминат и да добијат двотретинско мнозинство во Собранието за што се потребни и гласовите на опозициски пратеници ќе биде појасно откако ќе се произнесе ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачевски и Мицкоски средбата во четири очи ја оценија различно. За Мицкоски таа била неуспешна, а Ковачевски во средбата виде промена на ставот на опозициската партија, односно дека таа не е против вметнување на Бугарите и на други народи во уставот. Сепак, услов на Мицкоски е и уставните измени да стапат на сила од денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27 членки.

Мицкоски по состанокот изјави дека Ковачевски му предложил ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Влада со пет од 10-те ресори со кои сега раководи СДСМ како услов да ги поддржат уставните измени. Тој повтори дека под бугарски диктат нема да поддржи уставни измени.

Разговаравме за предлозите што ги даде Ковачевски, од кои би издвоил еден: тој предложи во рамките на Парламентот да почне и да се отвори дискусија, со двотретинско мнозинство да се изгласа потребата за промена на Уставот, а потоа да биде формирана влада, во која од десетте ресори што ги менаџира СДСМ, пет да ѝ бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат завршени уставните измени, да почне процесот на преговори, а потоа да бидат затворени поглавјата едно, две, три, во зависност од брзината, а таа влада да оди на парламентарни избори. На ова јас одговорив дека е во ред, ја разбирам понудата и за неа го имам следниот став: ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во Владата со СДСМ, но без учество на ДУИ во таа Влада“, рече Мицкоски.

Тој потоа презентираше што одговорил, односно дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да учествува во Владата, но дека избори организира техничка Влада, а уставните измени да важат од денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија од парламентите на 27 ЕУ-членки.

Тоа тој го протоколува како кршење на преговачката рамка. Јас потоа му понудив да одиме на предвремени парламентарни избори наесен, формирање влада со широко национално единство каде нема да биде ДУИ и бидејќи ниту една земја членка нема ништо против македонскиот многувековен идентиет, традиција, култура, обичаи, македонскиот јазик, тогаш јас сум подготвен да разговарам со европски премиери за да изгласаат потврда гаранција за ова што го збориме, па да видиме дали е тоа навистина така како што велат дека е, а со оглед дека и Бугарија има избрана Влада. И да дојдеме да кажеме дека Европа застанува зад многувековниот идентитет“, рече Мицкоски.

За добрососедството Мицкоски рече дека бара спроведување на одлуките од Стразбур кои се однесуваат на Македонците во Бугарија.

„Јас би сакал да бидам добар сосед со Бугарија и од оние 14 судски случаи во Стразбур, да одбере три Бугарија и тие да ги примени. Еве Бугарија нека бира, не ние. Од овие шест кои се конечни, нека избере три. Тогаш ќе речеме добро е, има позитивен ветер и нашинците во Бугарија ќе се почуствуваат дека некој од нивната матична држава стои позади нив. Тој не го прифати, бидејќи тоа е промена на преговарачка рамка. Но ние бараме пакет, грижа, а не е преговарачка рамка“,  додаде Мицкоски.

Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени

Ковачевски, пак, оцени дека е добро што ставот искажан од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, е променет и различен од тоа што го слушнал на средбата, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени во државата.

Тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба. Се прави јасна дистинкција за тоа дали ќе ја интегрираме државата во ЕУ или ќе ја оставиме изолирана, што сметам дека е добро дијалогот што се води да продолжи и на крајот да изградиме заеднички став дека за државата е најдобро да биде интегрирана во ЕУ. Моја цел и заложба на Владата е овој процес на евроинтеграции да биде успешен, затоа што предвид ги имаме стратешките цели на државата“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека уставните измени, односно вклучување на други делови на народи во Преамбулата на Уставот се чекор напред на овој европски пат.

И премиерот потврди дека на Мицкоски му предложил заедно да ги изгласаат уставните измени, бидејќи, како што кажа, тоа е вистинското решение што граѓаните го очекуваат од нив.

„Дадов предлог до Мицкоски, доколку се согласат, заеднички и консензуално да пристапиме кон остварувањето на оваа стратешка цел и сите заедно да ги гласаме уставните измени. Доколку сите заедно ги изгласаме, тогаш предложив дека веднаш по гласањето може да одиме на избори, и тоа е став кој го имам кажано јавно пред неколку месеци. Во текот на изминатиот период сфатив дека за нив е важно да бидат дел од власта и за да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе и дека не сме водени од свој партиски интерес и дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори. Предложив заеднички да го изгласаме отворањето на Уставот со две третини и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата, при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО-ДПМНЕ“,  рече Ковачевски.

На тој начин би се обезбедила влада која обединува, односно која би ги вклучила сите партии кои се за ЕУ, вели премиерот.

„На тој начин таа влада во која ќе бидат сите партии кои се за евроинтеграции ќе го спроведе процесот на уставни измени, ќе го заврши скрининг-процесот кој е во тек, ќе го затвори процесот на уставните измени и ќе ги отвори поглавјата како втора фаза од преговарачкиот процес и дури може и да затвори едно или две од поглавјата кои се дел од вториот кластер и истата таа влада, ќе може да ги организира и следните избори. Предложив и уставните измени кои ќе се донесат во своите завршни и преодни одредби да имаат одредба со која важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција која е и закажана без никакво одлагање“,  рече Ковачевски.

Според него се друго излегува од преговарачката рамка.

„Мицкоски сметаше дека некои партии не требале да бидат дел од Владата, но нас ни треба влада која ќе биде широко обединување на сите, која ќе има јасна цел. Тоа ќе биде влада на обединување, на европска интеграција а нема да биде влада на изолација и дестабилизација, други сценарија можат да доведат до други резултати во општеството“,  смета премиерот.

Мицкоски смета дека нема потреба од нови лидерски средби и како што рече од гимнастики во јавноста, но сепак вели дека стои на располагање за дополнителни консултации. Мицкоски оцени дека би било добро ДУИ сама да се повлече од Владата, но изјавата беше дадена пред Османи да соопшти дека интегративците се подготвени на таков чекор.

Ковачевски, пак, за да ја одоброволи ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени најави дека наскоро една од најголемите земји членка на ЕУ (не откри која) ќе донесе резолуција дека се препознава и признава македонскиот јазик и култура. Премиерот смета дека комуникацијата треба да продолжи и дека верува во остварување на целта. Во име на компромисот Ковачевски остави простор да се откаже од премиерското столче само уставните измени да поминат и земјава да го продолжи патот кон ЕУ.

„На крајот на денот премиери се бираат во Собрание, мене ми е важно да имаме влада која заеднички ќе ги донесе битните одлуки“, рече Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот