Лидерите на Средна Азија се загрижени за превирањата во Авганистан

Талибанците напредуваат кон Кабул. / Фото: Архива на Слободен печат

Лидерите на петте поранешни советски републики од Централна Азија денеска изразија загриженост поради нестабилноста што се прошири од Авганистан.

Тие разговараа за заеднички одговор на потенцијалните закани за безбедноста, додека руските тешки бомбардери извршија напади во заеднички воени вежби во близина на авганистанската граница.

Лидерите на Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан се состанаа во Туркменбаши на Каспиското Море за да разговараат за регионалните предизвици.

„Брзо решавање на ситуацијата во Авганистан е клучен фактор за зачувување и зајакнување на безбедноста и стабилноста во Централна Азија“, се вели во изјавата на петтемина водачи по разговорите.

Петте водачи разговараа за проширување на трговските и економските врски и за воспоставување на постојан регионален дијалог за безбедност.

Борбите меѓу талибанците и авганистанските владини сили неодамна ескалираа кога американските и НАТО трупите го завршија своето повлекување од земјата.

 

„За жал, Талибанците ја презедоа контролата врз целата должина на границата со нашата земја“, рече таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон на денешниот состанок.

Тој изјави дека повеќе од 2.000 војници на авганистанската војска побегнале во Таџикистан по талибанската офанзива.

„Прилично е изненадувачки што тие се повлекоа и ги напуштија своите позиции без да им се спротивстават на Талибанците“, додаде тој.

Тој, исто така, изрази загриженост поради концентрацијата на „терористички групи“ во Авганистан долж границата со Таџикистан, кои заедно бројат повеќе од 3.000 милитанти од поранешните советски држави и Кина.

„Тоа се екстремисти кои се добро обучени за терористички и пропагандни активности и имаат далекусежни планови во врска со нашиот регион“, рече Рахмон, истакнувајќи дека Таџикистан се зафатил да ја зајакне заштитата на својата граница со Авганистан.

Русија, која има безбедносен договор со земјите од Централна Азија и воени бази во Таџикистан и Киргистан, се обврза дека ќе обезбеди воена помош во одбрана од сите потенцијални закани што доаѓаат од Авганистан.

Руската и узбечката војска денеска ги завршија заедничките вежби, во кои учествуваа 1.500 војници и 200 воени возила. Во маневрите имаше четири руски бомбардери од долг дострел Ту-22М3 кои летаа од база во западна Русија за да нападнат лажни логори на милитантите на полигонот Термез во Узбекистан, во близина на границата со Авганистан.

Втората заедничка воена вежба, која започна во четвртокот во Таџикистан во близина на границата со Авганистан, вклучува 2.500 руски, таџикистански и узбекистански војници, како и 500 воени возила.

Министерството за одбрана на Русија во соопштението наведува дека целта на вежбите е „да се практикуваат акции за сузбивање на терористичките закани“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот